Папата: Христијанската љубов се раѓа од средбата со Исус

Папата: Христијанската љубов се раѓа од средбата со Исус

Христијанската љубов не се раѓа од идеологија, туку од средбата со Исус – истакна папата Фрањо за време на пладневниот наговор на плоштадот Свети Петар, на 29 април 2018 година.

Светиот Отец размислуваше за денешното Евангелие во кое го гледаме Исус кој се претставува како вистинската лоза, повикувајќи нè да останеме соединети со Него за да донесеме плод. Објаснувајќи дека лозата ја создава целината со своите гранки кои се плодни само ако останат поврзани со лозата, Папата рече дека тајната на христијанскиот живот во таа врска е во тоа останување со Исус Христос.

Треба да останеме со Господ за да пронајдеме храброст да излеземе од самите себе, од своите угодности, од своите тесни заштитени простори за да одиме напред во отвореното море кое е сочинето од потребите на другите и да го дадеме своето христијанско сведоштво – рече папата Фрањо, додавајќи дека еден од најзрелите плодови кој се раѓа од нашето заедништво со Христос е нашата посветеност да покажуваме љубов кон своите ближни и да ги љубиме своите браќа и сестри негирајќи се самите себе, онака како што Исус нѐ љуби.

Папата објасни дека ефикасната љубов на вистинскиот верник не е резултат на стратегија; не произлегува од општествените или идеолошките барања, туку од средбата со Исус и од „останувањето“ во Исус. Тој за нас е лозата од која црпиме „сок“, односно „живот“ кој го донесуваме во општеството: поинаквиот начин на живеење кој последните ги става на прво место – рече Светиот Отец.

Папата Фрањо потоа го истакна примерот на светците, но присутните исто така ги поттикна да се стремат кон светоста во своите секојдневни животи. Не е потребно да се биде епископ, свештеник или монах, за да бидеме свети. Повикани сме да бидеме свети живеејќи во љубов и нудејќи го на сите своето сведоштво во сѐ што правиме, било каде да се најдеме. Секоја активност – работа и одмор, семеен и оштествен живот, извршување политички, културни и економски должности – е прилика за да го живееме Крштението и евангелската светост во полнота ако живееме во единство со Исус и со став на љубов и служење.

РВ/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот