Папата Фрањо ќе учествува на сесијата на Г7 за вештачка интелигенција

Папата Фрањо ќе учествува на сесијата на Г7 за вештачка интелигенција

Папата ќе учествува на заседанието на групата Г7, отворенo за земјите кои не се членки. Ова беше потврдено од Канцеларијата за печат на Светиот Престол откако италијанската премиерка Џорџија Мелони објави: „Му благодарам на Светиот Отец што ја прифати поканата на Италија. Ова ќе даде одлучувачки придонес во етичкото и културното регулирање на вештачката интелигенција“.

Папата Фрањо ќе учествува на состанокот на Г7 предводен од Италија што ќе се одржи од 13 до 15 јуни во Борго Егнација, во италијанската област Апулија. Ова го потврди Канцеларијата за печат на Светиот Престол по најавата на италијанската премиерка Џорџија Мелони, која преку видео изјави дека Папата ќе зборува на сесија посветена на вештачката интелигенција отворена за земјите кои не се членки.

Ова е прв пат, прецизираше премиерката Џорџија Мелони, Папа да присуствува на средба со шефовите на групата, во која се и Соединетите Американски Држави, Канада, Франција, Велика Британија, Германија и Јапонија.

Му благодарам на Светиот Отец што од сѐ срце ја прифати поканата на Италија. Неговото присуство и дава престиж на нашата нација и на целата група Г7 – рече Мелони, посочувајќи дека италијанската влада има намера да го зголеми придонесот што Светиот Престол го дава на тема вештачка интелигенција, особено со „Rome call for AI ethics 2020“, промовирана од Папската академија за живот, на патот „кој води до конкретна примена на концептот на алгоритми, односно давање етика на алгоритмите“.

Убедена сум – додаде таа – дека присуството на Папата ќе даде одлучувачки придонес во дефинирањето на регулаторната, етичката и културната рамка за вештачката интелигенција, бидејќи токму на тој терен, во сегашноста и иднината на оваа технологија, ќе се мери нашата способност, способноста на меѓународната заедница да го направи она што еден друг Папа, имено свети Иван Павле II потсети во неговиот познат говор во Обединетите нации на 2 октомври 1979 година. Политичката, националната и меѓународната активност произлегува од човекот, таа се реализира преку човекот и му служи на човекот – објасни понатаму Мелони.

Вештачката интелигенција – додаде таа – ќе биде најголемиот антрополошки предизвик на ова време, технологијата која може да создаде големи можности, но која со себе носи и огромни ризици, како и неизбежно влијание врз глобалната рамнотежа. Наша заложба – истакна таа – е да развиеме механизми за управување за да се осигураме дека вештачката интелигенција е фокусирана на луѓето и дека тие ја контролираат, односно ја држи личноста во центарот и ја има личноста како крајна цел – рече Џорџија Мелони.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот