Папата Фрањо замина од Улан Батор со папскиот авион за Рим во 6:03 часот на 4 септември и треба да слета на аеродромот Фиумичино во Рим околу 17.00 часот по локално време.
Заврши четиридневната Апостолска посета на папата Фрањо на Монголија од 31 август до 4 септември. На 4 септември 2023 година, со авион А330 на италијанската авиокомпанија ITA Airways Папата со неговата придружба полета од Улан Батор кон Рим.
На аеродромот во Улан Батор Светиот Отец беше придружуван од министерката за надворешни работи на Монголија г-ѓа Бацег Батмунх со која имаше краток разговор во ВИП салонот на аеродромот. Млада девојка во традиционална носија му подари на Папата букет цвеќе. Светиот Отец вети дека ќе го земе како подарок за Богородица.
По полетувањето, папата Фрањо испрати телеграма до претседателот на Монголија, Ухнаагиин Хурелсух, во која му се заблагодари за гостопримството. Тој истакна дека ќе продолжи да се моли за мир, единство и просперитет за целиот монголски народ.
Летот на Папата ќе трае околу единаесет и пол часа. За тоа време, авионот ќе лета 8.230 километри над териториите на Монголија, Кина, Казахстан, Азербејџан, Грузија, Турција, Бугарија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Италија. Во Рим ќе слета околу 17.00 часот по локално време. Традиционално, Папата за време на летот ќе одговара на новинарски прашања.
Подароци за благодарност
На последниот ден во Монолија, Папата служеше света Литургија во Апостолската префектура и изрази благодарност до персоналот и кардиналот Џорџо Маренго, апостолски префект во Улан Батор, кој го придружуваше Светиот Отец за време на неговата посета. Во знак на благодарност, Папата на кардиналот Маренго му подари златен путир, а во знак на татковската грижа Петровиот наследник на Апостолската префектура ѝ подари статуа на Свети Јосиф.
Во соопштението, прес-службата на Ватикан рече дека статуата го прикажува светителот како тивок чувар на нашиот Господ. „Свети Јосиф со левата рака го dr#i малиот Спасител на светот, додека со десната рака го држи стапот кој, според апокрифите, чудесно расцутил со лилјани во времето кога свештениците од ерусалимскиот храм требало да изберат сопруг за Марија од невенчаните потомци на племето Јудино“.
Израз на Божјата милост
Последниот настан од неговата посета на Монголија беше отворањето на Дом на милосрдието, болничка установа за сиромашните и засолниште за жртви на семејно насилство и бездомници, управувана од локалната црква.
Папата ја отвори и ја благослови каритативната работа и ја изрази својата благодарност до Црквата во Монголија што покажува толку голема грижа за луѓето кои се соочуваат со економски тешкотии и маргинализација.
Ватикан њуз/к.мк