Папата Фрањо се сретна со браќата исусовци во Дили

Папата Фрањо се сретна со браќата исусовци во Дили

Во рамките на своето апостолско патување во Југоисточна Азија и Океанија, на 10 септември 2024 година, папата Фрањо се сретна со членовите на Дружбата Исусовци во нунцијатурата во Дили. Среќавајќи се со 41 исусовец од различни азиски региони, тој разговараше со нив околу 45 минути на различни теми, вклучувајќи ја и инкултурацијата. Присутен беше отец Жоао Фелгуеирас, монах од Португалија во Источен Тимор од времето на индонезиската окупација, кого Папата го прегрна и му се заблагодари за неговата служба.

По средбата со свештенството во катедралата „Безгрешно зачнување“ во Дили, на 10 септември 2024 година, претпладне, папата Фрањо отиде во нунцијатурата каде што се сретна со членовите на Дружбата Исусовци. Првиот гест што го направи веднаш штом влезе во салата каде што го чекаа 41 исусовец, беше прегратката со отец Жоао Фелгуеирас, неговиот брат кој наполни 103 години, што го прави еден од тројцата најстари членови на Дружбата Исусовци во целиот свет.

Сведоштво на отец Жоао

Папата сакаше да му оддаде почит на тој монах од Португалија кој живее во Источен Тимор од времето на индонезиската окупација и кој никогаш не ја напуштил таа земја и нејзиниот народ, дури и во најтешките моменти. Светиот Отец бил предупреден за неговото присуство, па штом влегол веднаш му пришол: „Му се заблагодари и го прегрна. Отец Жоао беше многу трогнат“, изјави за медиумите отец Нуно да Силва Гончалвес, директор на списанието La Civiltà Cattolica и член на придружбата на Папата на неговото патување во југоисточна Азија и Океанија.

Втора средба со браќата

Таа средба беше втора средба на папата Фрањо со исусовците, по едночасовниот разговор што го имаше на 4 септември во Џакарта со 200 браќа. Уште една средба е закажана за среда, 11 септември, во центарот „Свети Фрањо Ксавиер“ во Сингапур. Меѓу исусовците со кои Папата се сретна во главниот град на Источен Тимор беа и оние кои дојдоа од други региони, но живеат и работат во таа земја. Меѓу нив имало и 8 новаци.

Меѓународна група

Како и секогаш на тие средби – рече отец Гончалвес, владееше семејна атмосфера. Пред Папата беше „меѓународна група“ со исусовци од Виетнам, Малезија и Филипини. Значи, разновидна група која се занимава со различни работи, на пример, едукација на млади луѓе или тие работат во институт за обука на наставници. Работата ја сметаат за исто толку важна како и духовните вежби во парохиите.

Скоро еден час разговор

Разговорот траеше околу 45 минути, како и секогаш прекинуван со прашања, одговори, доверувања и шеги. Меѓу темите што се дискутираа, секогаш поврзани – како што истакна отец Гончалвес – со животот на Дружбата Исусовци, беше како Папата ја гледа работата на исусовците на секое место и во секоја земја, како и заеднички теми како што се, на пример, застапувањето за социјална правда, социјалната наука на Црквата и нејзиното значење.

Важноста на инкултурацијата

Зборувајќи за Евангелието и културата – истакна отец Нуно – папата Фрањо, како и во другите говори овде во Источен Тимор, особено ја истакна вредноста на инкултурацијата. Односно, Евангелието што треба да се инкултурира и културата што треба да се евангелизира. Ова е тема која се повторува за време на посетата на Папата на Источен Тимор и е во центарот на мотото на апостолското патување Que a vossa fé seja a vossa cultura – Нека вашата вера биде вашата култура.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот