Папата Фрањо: понизната, силната и храбрата молитва прави чуда
Ватикан, 20.5.2013 /к.мк/ – Само храбара, смирена и силна молитва прави чуда. Тоа го рече папата Фрањо на денешната света Литургија во капелата на домот „Света Марта” во Ватикан на која учествуваа претставници на Радио Ватикан, придружени од страна на нивниот директор отец Федерико Ломбарди.
Папата го коментира Евангелието во кое учениците не можеа да го изгонат немиот дух од младиот човек. Самиот Исус треба да интервенира на поплаките од присутните за неверието (Марк. 9, 14-29). На таткото на момчето, кој бара помош, Исус му одговара дека „сè е можно, за оној што верува.” Често пати, истакна Папата, дури и оние кои го љубат Исус не сакаат да ја стават во игра својата вера, и не му се препушаат потполно на Исус.
„Зошто постои тоа неверие? Мислам срцето е тоа, кое не сака да се отвори, останува затворено, сака да има сè под контрола.”
Поради тоа Папата истакна – ако „срцето не се отвори, не може да ги довери работите да бидат под контрола на Исус”. Кога ученици го прашуваат Исус, зошто тие не можеа да исцелат момчето, Тој им одговара дека „тој род со ништо не може да се истера, освен со молитва.” „Сите ние имаме во нашата внатрешност еден дел на неверие”, истакна Папата. Затоа „е потребна силна молитва, бидејќи понизната и силна молитва овозможува Исус да го направи чудото. Молитвата која моли за чудо, е посебно дело во кое треба да бидат вклучени сите, треба сите да бидат вовлечени”. Светиот Отец сподели со присутните една случка од Аргентина. На едно болно седум годишно девојче лекарите и даваат само неколку часа живот. Нејзиниот татко, по занимање електричар, „човек со вера” во својата болка и очај, се качува на автобус и заминува во Богородично светилиште во Лужан, оддалечено 70 километри од неговиот град:
„Во 21 часот пристигнува во светилиштето кое веќе е затворено. И покрај тоа, започнува да се моли до Богородица. Молејќи се плаче, се моли и плаче … и така ја помина ноќта. Овој човек се бореше: се бореше со Бог, со неговиот Бог, за да ја излекува неговата ќерка. Во 6 часот наутро повторно се качува на автобус и се упатува дома, каде што пристигнува во 9 часот. Ја наоѓа неговата сопруга како плаче. Веднаш започнува да мисли на најлошото. Ја прашува сопругата: „Што се случило?. „Дојдоа лекарите – вели жена му – и рекоа дека температурата е симната, дека дише добро и дека ништо нема страшно. Ќерката ќе биде уште два дена под лекарски надзор, но не им е јасно што се случило.“ Чудата постојат и се случуваат и денес! Но затоа е потребно да се молиме од срце, истакна Папата:
„Потребна е храбра молитва, која се бори да прерасне во чудо; не оние молитви од љубезност, туку храбра, како онаа на Авраам, кој се бори со Бог, за да го спаси градот, како онаа на Мојсеј, кој не се изморува со кренати раце да се моли на Господ; како онаа на бројни луѓе, на многу луѓе кои имаат вера и кои постојано се молат со вера. Молитвата прави чуда, но треба да веруваме! Мислам дека можеме да кажеме една убава молитва: „Верувам Господи, помогни му на моето неверие”. И кога од нас бараат да се молиме за луѓето кои страдаат во војните, за сите бегалци, за сите модерни драми, треба да се молиме од срце на Господ: „Направете го тоа! Верувам, Господи. Помогни на моето неверие.”, Да го направиме тоа. Денес! (го*ко)