Папата Фрањо: Ни требаат мостови, а не ѕидови
Објаснувајќи го значењето на осветувањето на базиликата свети Иван Латерански која денес ја славиме папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов истакна дека традиционалното име на базиликата, Мајка на сите цркви на градот и светот не се однесува толку на градбата колку на делото на Светиот Дух Кој во тоа здание се гледа, а е плодно преку службата на Римскиот епископ.
Секој пат кога славиме осветувањето на некоја црква се сеќаваме на егзистенцијалната вистина дека материјалниот храм е знак на живата Црква, односно духовен храм. Исус во денешното Евангелие откри дека Божјиот храм не е само градба, туку Неговото сопствено Тело, изградено од живи камења. Секој христијанин со силата на крштението е вграден во тоа Божјо здание: во заедницата посветена со Христовата крв – објасни Светиот Отец, додавајќи дека тоа од секој христијанин бара постојаност во верата и христијанско сведочење.
Тоа не е лесно – сите тоа го знаеме – постојаност во животот помеѓу верата и сведочењето, рече Папата, но сите треба да ја остваруваме таа постојаност во секојдневниот живот. Таа е милост од Светиот Дух за која мора да молиме. И денес Црквата е повикана да биде во светот, заедница која со крштението е вкоренета во Христос, ја исповедува со понизност и храброст верата во Него, сведочејќи го тоа во љубовта. Верата и љубовта одат заедно – нагласи Светиот Отец. Љубовта е израз на верата, а верата е објаснување на темелите на љубовта.
Освен тоа нè поттикнува да размислуваме за заедништвото на сите Цркви преку Петар. Осветувањето на Латеранската базилика, по аналогија поттикнува да ги надвладееме ѕидовите на непријателства и рамнодушност; да градиме мостови на разбирање и дијалог за да биде светот едно семејство, меѓусебно помирено, братско и солидарно – смета папата Фрањо.
По молитвата Ангел Господов Папата потсети дека пред 25 години, на 9 ноември 1989 година падна Берлинскиот ѕид кој толку долго го делеше градот на два дела и беше симбол на идеолошката поделба на Европа и целиот свет. Падот се случи ненадејно, но е овозможен од долги и напорни залагања на многу луѓе кои за тоа се бореа, молеа, трпеа, па и ги жртвуваа своите животи. Меѓу нив главна улога има свети Иван Павле II – рече Светиот Отец Фрањо, додавајќи:
Молам со Господова помош и соработката на сите луѓе со добра волја секогаш сè повеќе да се шири културата на средба која може да ги сруши сите ѕидови кои и понатаму го делат светот и никогаш повеќе да не се прогонуваат и убиваат невини луѓе заради нивното верување и нивната религија. Каде што има ѕидови срцето е затворено. Ни требат мостови, а не ѕидови!
Спомнувајќи дека во Италија денес се слави денот на благодарноста на тема: „Да се храни планетата. Енергија за живот“, Папата се придружи на епископите во повикот на никој да не му недостасува секојдневниот леб. Во тој контекст папата Фрањо го спомна и Римскиот епископски ден за зачувување на создаденото со цел промовирање на животот кој се темели на почитта кон околината, потврдувајќи го сојузот помеѓу човекот на кого му е доверена грижата за создаденото и неговиот Створител.
На крајот Папата ги поздрави собраните ходочасниции и ги потсети да молат за него и ги отпуши со својот вообичаен поздрав.
РВ/Д.И.