Папата Фрањо: Не е христијански да се сеат поделби. Црквата е заедништво!
„Поделбата во една христијанска заедница, во едно училиште, парохија, асоцијација и секаде на друго место, е многу тежок грев, бидејќи е дело на ѓаволот”. Ова го рече папата Фрањо на Генералната аудиенција, која се одржа во средата на плоштадот Свети Петар пред повеќе од 15 илјади лица, истакнувајќи дека причината за поделбата не е само расколот, туку и „парохиските гревови”, зависта, љубомората и антипатија и „озборувањето”.
*********************************************************************
Драги браќа и сестри, добар ден!
Секогаш кога ја обновуваме нашата исповед на верата, молејќи го Цимволот на Верата, велиме дека Црквата е „една“ и „света“. Таа е една, бидејќи својот почеток го има во Троединиот Бог, таинство на единство и полно заедништво. Потоа Црквата е света, бидејќи нејзин темел е Исус Христос, ја оживува неговиот Свет Дух, ја исполнува неговата љубов и неговото спасение. Истовремено таа е света, но и составена од грешници, од сите нас, грешници кои секој ден го доживуваме искуството на сопствените слабости и сопствената беда, Значи, таа вера која ја исповедуваме нѐ поттикнува на преобраќање, нѐ поттикнува да собереме храброст секојдневно да го живееме единството и светоста, а ако ние не сме обединети, ако не сме свети, тоа е затоа што не сме верни на Исус. Но Тој, Исус, нѐ не остава сами, не ја напушта својата Црква! Тој патува со нас, тој нѐ разбира. Ги разбира нашите слабости, нашите гревови, ни простува, секогаш кога ќе му дозволиме да ни прости. Тој секогаш е со нас помагајќи ни да станеме помалку грешници, повеќе свети, повеќе обединети.
1.Прва утеха ни дава фактот дека Исус многу молеше за единство меѓу учениците. Тоа е молитвата на Последната вечера, Исус усрдно молеше: „Оче, да бидат едно“. Молеше за единство и тоа го направи непосредно пред маката, кога се подготвуваше да го принесе својот живот за нас. Тоа е она на што сме повикани постојано одново да го читаме и за тоа да размислуваме, на едно од најсилните и највпечатливите страници од Евангелието според Иван, осумнаесетата глава (сп. редови 11.21-23). Колку е убаво да се знае дека Господ, непосредно пред да умре, не се грижеше за самиот себе, туку мислеше на нас! Во својот усрден дијалог со Отецот молеше токму за тоа да бидеме едно со него и меѓу себе. Ете, со тие зборови Исус се застапуваше за нас кај Отецот за да можеме и ние да влеземе во полно заедништво со него; истовремено ги доверува на нас како свој духовен завет, за да може единството да биде што повеќе препознатливо, карактеристика на на нашите христијански заедници и најубав одговор на секој кој од нас ќе побара образложение за надежта која е во нас (сп. 1 Петрово 3,15).
2.„За да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил. (Иван 17,21) Уште од самиот почеток Црквата настојувала да го оствари тој план, кој толку многу го посакуваше Исус. Делата на Светите Апостоли нѐ потсетуваат како првите христијани се истакнувале по тоа што беа „едно срце и и една душа“ (Дела 4,32); апостол Павле потоа ги опоменува своите заедници да не заборават дека се „едно тело“ (1 Коринтјани 12,13). Меѓутоа искуството ни говори дека има многу гревови против единството. И тука не мислиме само на расколите и на недостатоците кои многу често можат да се најдат во нашите заедници, на „парохиските“ гревови, на оние гревови во парохијата. Понекогаш имено, нашите парохии кои се повикани да бидат места на распределба и заедништво, жално се означени со завист, љубомори, одбојност… А гласините на сите им се достапни. Колку само гласини и нагодувања има во парохиите! Тоа не е добро. На пример, ако некој се избере за претседател на некое здружение, тогаш се започнува да се зборува против него. А ако некоја од членките се избере за водителка на катехезите, останатите оговараат. Но тоа не е Црква. То не смее да се прави, не смееме да го правиме тоа! Треба од Господ да се моли милост да не се прави тоа. Тоа се случува кога се стремиме за првите места, кога во центарот се ставаме самите себе, со нашите лични амбиции и нашиот начин на гледање на работите и им судиме на другите; кога гледаме на недостатоците на нашите браќа, наместо на нивните дарови; кога даваме поголема тежина на она што нѐ разделува, наместо на она што ни е заедничко…
Еднаш, во друга бискупија која ја имав претходно, слушнав интересен и убав коментар. Станува збор за една старица, која цел живот работи во парохијата, а една личност која добро ја познава, за неа рече: „Таа жена никогаш не оговара, никогаш не шири гласини, секогаш е насмеана“. Таква една жена веќе утре може да се прогласи за света! Тоа е убав пример. А ако погледнеме низ историјата на Црквата, колку само поделби има меѓу нас христијаните. И сега сме поделени. Ние христијаните во историјата сме војувале едни против други, поради теолошки поделби. Да се потсетиме на триесетгодишната војна. Но тоа не е христијански. Мораме да работиме за единство на сите христијани, да одиме по патот на единството, кое што го сакаше Исус и за кое молеше.
3.Имајќи го сето тоа пред очи, мораме да направиме сериозен испит на совеста. Во една христијанска заедница поделбата е еден од најголемите гревови, бидејќи дава знак не на Божјото делување, туку делувањето на ѓаволот, кој по дефиниција е оној кој дели, кој ги разорува односите, кој нѐ наведува на предрасуди… Подлебата во некоја христијанска заедница, дали тоа е училиште, парохија, некое друго здружение, е најголем грев, бидејќи е ѓаволско дело. Напротив Бог, сака да растеме во способноста на взаемно прифаќање, простување и љубов, како сѐ повеќе би биле слични на него кој е заедништво и љубов. Во ова се крие светоста на Црквата: да препознаеме дека според Божјата слика сме исполнети со неговото милосрдие и неговата милост.
Драги пријатели, во срцето нека ни оддекнуваат зборовите Исусови: „Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!“ (Матеј 5,9). Да молиме за искрено простување за сите оние моменти кога сме биле причина за поделби или недоразбирања во нашите заедници, длабоко свесни дека до заедништво не може да се дојде поинаку, освен преку постојано преобраќање. А што е преобраќање? Да се преобратиш значи да се моли Господ за милост да не оговарам, да не критизирам, да не ширам гласини и да се се занимавам со нагодувања, на сите да им посакувам добро. Тоа е милост која ни ја дава Господ. Тоа значи да се преобрати срцето. И да м олиме нашите секојдневни односи да бидат сѐ поубава и порадосна слика на односот меѓу Исус и Отецот.
РВ/го*ко