Папата Фрањо: Молитвата и контемплацијата приоритети во пасторалната работа
Пасторалната работа без молитва и контемплација не може да допре никогаш до срцето на луѓето“. Тоа го посочи папата Фрањо во својот говор пред учесниците на Меѓународната средба на тема „Пасторалната програма на Evangelii Gaudium“ , кои ги прими на аудиенција во Ватикан на 19 септември. „Ова е поволно време за да бидеме поблиску до страдалниците“, истакна Папата пред учесниците на иницијативата организирана од Папскиот совет за Нова евангелизација.
Во бројните периферии од нашата сегашност, посочи папата Фрањо, „постојат многу уморни и изнемоштени луѓе, слично на народот, кон кого Исус изрази сострадание. Тие ја очекуваат Црквата, наша должност е да се запрашаме како да се дојде до нив и да одговориме мудро и благородно на нивните очекувања“. Пред повеќе од 2000 верници ангажирани во пасторалната работа, Светиот Отец потсети дека „нема задача да обезбеди детална и сеопфатна анализа на современата реалност, туку да ја повика Црквата да стане „полска болница“ и да ги забележи знаците на времето кои Господ ни ги дава постојано, за да се препознае неговото присуство во современиот свет“. Меѓу бројните негативни реалности, можеме да станеме сведоци и „на многу знаци на надеж и храброст“, истакна папата Фрањо:
„Тоа е „благопријатно време“, момент за конкретни чекори, тоа е контекстот во кој сме повикани да работиме за растот на Царството Божјо“.
Колку многу има страдалниците кои бараат од Црквата да биде знак на блискоста, милосрдието и добрината на Бог, продолжи Папата, и ги повика присутните да не се исплашат и затвораат во себе од страв или во самоодбрана. Тоа, истакна тој, „е искушението на клерикализмот и гордоста“:
„Тоа е кодифицирање на верата во правила и упатства, како што правеа книжниците, фарисеите и учителите на законот, во времето на Исус. Се разбира сето тоа треба да биде јасно, уредно, но верникот и народот што бара ќе продолжи да биде гладен и жеден за Бога“.
Папата ги охрабри сите да излегуваат без замор, за да се сретнат со оние кои Го бараат Господ. Како оној господар на лозјето, кој како раскажува Исус во параболата, излезе во различни периоди во текот на денот, за да бара работници. На крајот папата Фрањо повика пасторалната работа да не се претвора во „серија иницијативи, бидејќи на тој начин ќе ја изгуби својата Евангелска суштина: вниманието кон луѓето и нивната средба со Бог“. Оттука е и приоритетот на молитвата:
„Пасторалната работа без молитва и контемплација никогаш нема да може да допре до срцето на луѓето. Ќе запре на површината без да му овозможи на семето на Словото Божјо да зар’ти, да се вкорени, да процвета, расте и да даде плод“.
Папата повика и кон трпение и упорност:
„Ние не поседуваме“ магично стапче „за сè, но располагаме со верата во Господ, кој нѐ придружува и никогаш не нѐ напушта“.
„ Да сееме и сведочиме“, заврши Светиот Отец Папа:
„Зборовите без сведоштвото немаат корист. Сведоштвото е она што дава сила и важност на зборовите. Ви благодариме за вашата работа и труд. Ве благословувам и не заборавајте да се молите за мене, за да го сведочам Христос“.
РВ/В.Н.