Папата Фрањо и жената, сила на љубов за светот

Папата Фрањо и жената, сила на љубов за светот

Во пресрет на Меѓународниот ден на жената треба да се присетиме на некои од најзначајните говори на папата Фрањо за улогата на жената во Црквата и општеството.

Папата за улогата на жената во Црквата и опшеството. Први сведоци на воскресението се жените. Тоа е убаво. А тоа некако е и посланието на жената – рече папата Фрањо на 2 април 2013 година, три недели после изборот на Петровиот престол, на втората Генерална аудиенција од неговиот понтификат.

Верниците многу брзо се навикнаа на изјавите на новиот Папа, често од срце зборуваше во прилог на жените, за нивната улога во Црквата и во општеството. Од друга страна папата Фрањо во повеќе наврати спомнуваше некои жени кои имале најмногу влијание на неговата вера, како што тоа веднаш го кажа за баба Роса или во последно време присетувајќи се на младата кандидатка од Малите сестри на Успението на Пресвета Богородица која го држела во рацето штом се родил.

Учителството на папата Фрањо за женскиот гениј, освен со зборови богато е и со гестови, од миењето на нозете кое го прошири прв пат и на жени по повод посетата на женски затвори; преку основањето на комисија за ѓаконство на жената, до зголемувањето на бројот на жените именувани на важни служби во Ватикан, па дури и избор на жена теолог Ана Марие Пелетиер како писател на медитациите за Крстениот пат.

Треба веднаш да се нагласи дека размислувањето на Светиот Отец за жената поаѓа од теологијата. Тоа беше многу очигледно, кога на 28 јули 2013 година одговараќи на прашања на новинарите во авионот на враќање од Светскиот ден на млади во Рио де Жанаиро, рече: „Црквата без жената е како апостолскиот колегиум без Марија.“ Нагласи дека Црквата е од женски род, таа е свршеница и мајка. Уште позначајна потврда на тоа воочуваме четири години подоцна во светлината на неговата одлука во литургискиот календар да се запише празник на Блажена Дева Марија Мајка на Црквата.

Неколку пати папата Фрањо се пожали дека во Црквата сè уште нема „длабока теологија за жената“. Тоа го направи посебно на 12 октомври 2013 година кога примајќи ги членовите на Папскиот совет за лаици по повод 25 годишнината од посланието Mulieris dignitatem на свети Иван Павле II, рече дека е важно да се запрашаме колку жената е присутна во Црквата. Мене ми се допаѓа да размислувам – додаде – дека Црквата не е од машки род, туку од женски. Црквата е жена, таа е мајка затоа мораме да го продлабочиме своето разбирање на тоа.

Не недостасува ниту искористувањето кое треба да се пријави, а кое многу жени мора да го поднесуваат – рече Светиот Отец и додаде: Страдам кога гледам дека во Црквата улогата на служењето на жените поминува во улога на сервилност. Таа тема често е предмет на науката на папата Фрањо. Со посебна сила повторно говореше за тоа на 16 мај 2016 година во текот на средбата на Меѓународната унија на врховните поглавари. Од нив бараше да имаат храброст да кажат „не“ кога се бара нешто што е повеќе прашање на сервилност отколку на служење. Кога се бара некоја посветена личност да извршува сервилна работа се обезвреднува животот и достоинство на таа жена – силно нагласи Папата. Нејзиниот повик е служење: служење на Црквата, било каде да биде. Но, не сервилност!

Во пораката до учесниците на Фестивалот за семејства во Риви дел Гарда, на 2 декември 2014 година, ги зеде како свои потешкотиите и маките на многуте жени на кои во општествениот живот не им се признаени нивните права. Потребно е да се направи жената да не биде присилена на премногу тешка работа заради економски потреби – поттикна Светиот Отец и напомена: Мораме да земеме во предвид дека обврските на жената, на сите нивоа на семејниот живот дават исто така неспоредлив придонес за животот и иднината на општеството.

Посебно е значаен говорот кој папата Фрањо го одржа на 7 февруари 2015 година на пленарното заседавање на Папскиот совет за култура на кое централна тема беше „Женската култура: еднаквост и различност.“ Време е – рече Папата – жените да не се чувствуваат гости, туку во целост учеснички во различните прилики на општествениот и црковниот живот. Предупреди дека тоа е предизвик кој повеќе не може да се одложува. Тој ја нагласи итната потреба на жените да им се даде простор во животот на Црквата, поттикнувајќи поголема распространетост и влијание на женското присуство во заедниците со поголемо вклучување на жените во пасторалните одговорности.

Ширејќи го погледот на општеството Светиот Отец ја осуди комерцијализацијата на женското тело, на многуте облици на ропство на кои се подложени жените и апелираше да се надмине подреденоста и да се промовира взаемност. На тоа прашање се осврна исто така по повод средбата со Папската академија за живот, на 5 октомври 2017 година кога од таа институција побара да тргне од обновена култура на идентитет и различност. Ја критикуваше утопијата на „средниот род“, биолошката и психолошката манипулација на сексуалната различност. Потребен е – според зборовите на Папата – сојуз помеѓу мажот и жената повикан да ја преземе одговорноста за целото општество.

На жените, на библиските ликови, и особено на Блажена Дева Марија, папата Фрањо посвети многу проповеди во текот на служењето света Литургија во домот Света Марта. Така на 26 јануари 2015 година се фокусираше на темата за пренесувањето на верата. Зошто главно жените се преносители на верата? Одговорот според неговото мислење повторно треба да се бара во сведоштвото на Блажена Дева Марија: едноставно затоа што, жената е таа која ни го донесе Исус. Тоа е патот кој го избрал Исус. Сакал да има мајка. Дури и дарот на верата произлегува преку жената како што Исус доаѓа преку Марија.

На 31 мај 2016 година папата Фрањо зборуваше за „храбрите жени“ кои секојдневно подаруваат радост и ги исполнуваат животите на другите, додека на 9 февруари минатата година истакна дека „без жената нема хармонија во светот.“ Жената е таа која донесува хармонија, која нè учи да милуваме, да љубиме нежно, и она е таа која светот го прави убав. Потребна ни е нежноста која малиот Хорхе ја примил од својата мајка и баба, а која сега Фрањо повторно му ја дарува на светот.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот