Папата Фрањо до Црквата во Источен Тимор: Ширете го мирисот на Евангелието со ревност и храброст
На 10 септември 2024 година, Светиот Отец им се обрати на свештениците, богопосветените лица, семинаристите и катехистите во катедралата „Безгрешно зачнување“ во Дили и ги поттикна да го зачуваат и шират „евангелскиот мирис“ во Источен Тимор.
Токму затоа што Источен Тимор е „на работ“ на светот, тој е „во центарот на Евангелието“, истакна папата Фрањо. „Знаеме дека во срцето на Христос во центарот се „егзистенцијалните периферии“.
Осврнувајќи се на работата и предизвиците на локалната Црква, кои му ги опишаа монахињата, свештеникот и катехистот во нивните сведоштва, Папата се осврна на евангелието според Иван и приказната за Марија од Витанија која ги помазала Исусовите нозе со мирис. Таа приказна вели дека мирисот Христов и на Евангелието се „дар што мораме да го чуваме и кој сме повикани да го шириме“. Користејќи ја метафората на сандалово дрво, со потекло од регионот, тој ги повика свештеници во Тимор, монасите и катехистите да се вратат на својата вера, препознавајќи дека тие се „мирисот на Христос“ во Источен Тимор. „Како Марија од Витанија… и ние мораме да ја негуваме љубовта со која Господ нè помаза, за да не избледи и да не го изгуби својот мирис“.
Овој мирис, предупреди Светиот Отец, не е за нивна лична употреба, туку за „помазание на нозете Христови, за објавување на Евангелието и за служење на сиромашните“. Тој ги повика да бидат внимателни против „млаката духовна просечност“, која „секогаш демне“.
Тој дополнително ја нагласи потребата од континуиран раст во знаењето за христијанската доктрина и вера со цел да се „прочисти“ културата „од архаични, а понекогаш и суеверни обичаи и традиции“ кои би можеле да бидат во спротивност со христијанските учења. Од друга страна, Папата ги поттикна да ценат некои „убави“ аспекти од нивната култура, како што се верувањето во воскресението и почитувањето на душите на мртвите.
Папата ги охрабри свештениците, монасите и монахињите и катехистите да го „шират мирисот“ на Евангелието во Источен Тимор со ревност и храброст и да прифатат динамичен, мисионерски дух. Повикувајќи се на тоа дека Марија го скршила садот од алабастер за да го помаза Христос со мирис, Папата објасни дека се случува евангелизација кога имаме храброст да го „скршиме“ садот, односно „школката“ која често нè затвора во служењето на нашите потреби. Затоа, тој ја нагласи потребата од обновен поттик за евангелизација во земјата, „вкоренета во долгата христијанска историја“.
Мирисот на Евангелието е мирис на сочувство, „кој ќе им помогне на сиромашните да застанат на нозе“ и мора да се шири во борбата против општествените зла што го погодуваат Источен Тимор, како што се насилството, алкохолизмот и непочитувањето на жените. На оваа патека, земјата има потреба од „ревни, подготвени и креативни“ свештеници, богопосветени лица и катехисти.
Осврнувајќи се конкретно на свештениците, папата Фрањо ги повика да останат понизни и да не ја искористуваат својата улога за лична корист или општествен престиж. „Секогаш треба да благословуваат и утешуваат; секогаш треба да се биде слуга на сочувството и знак на Божјата милост“, рече тој.
Ватикан њуз/к.мк