На празникот Свети Јосиф папата Фрањо сакаше да им ја изрази својата татковска љубов на децата од Украина кои се лекуваат во детската болница Bambino Gesù од повредите предизвикани од тековната војна, но и поради други патологии.
На 19 март 2022 година попладне, нешто после 16.00 часот, папата Фрањо отиде во детската болница Bambino Gesù за да ги посети одделенијата во кое се сместени децата, кои во последните денови пристигнаа од Украина. Папата беше пречекан од претседателката на болницата Мариела Енок, која го придружуваше во обиколката низ повеќе одделенија.
Во моментот 19 украински деца се хоспитализирани во болничките одделенија во Рим, во Џаниколо и во Палидор, неколку километри од Рим – изјави за новинарите директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Вкупно околу 50 малолетници пристигнале во болницата Bambino Gesù од почетокот на војната во Украина, додаде Матео Бруни. Станува збор за пациенти со различни патологии (онколошки, невролошки и друг тип) кои избегале во првите денови од конфликтот, како и девојчиња со тешки повреди од експлозии, кои пак пристигнале подоцна. Папата се сретна со децата во болничките собите, а потоа се врати во Ватикан.
Ватикан њуз/к.мк