Папата Фрањо: Во Црквата никој не е вишок, сите сме потребни и еднакви
Ватикан, 26.6.2013 /к.мк/ – Во Црквата „никој не е вишок, сите сме потребни за изградба на храмот од живи камења”, „сите сме еднакви, а ако некој каже дека Папата е најважниот, тоа не е точно, сите сме еднакви”. Ова го рече Папата Фрањо, говорејќи пред околу 70 илјади верници и поклоници од целиот свет кои дојдоа да присуствуваат на плоштадот Свети Петар на последната Генерална аудиенција пред летниот период.
Пред почетокот на аудиенцијата во 10.30, Папата го заобиколи плоштадот Свети Петар, благословувајќи ги присутните. Обиколката меѓу верниците беше проследена со скандирање од мноштвото верници. Пред почетокот на Генералната аудиенција, За време на летниот период сите приватни и посебни аудиенција на Папата ќе бидат прекинати и ќе продолжат од 7 август во Ватикан.
Главниот акцент во денешната катехеза Папата го стави на Црквата како Храм на Светиот Дух. „Храмовите во антиката биле градени од рацете на луѓето, за да се направи дом за Бога”, рече Папата. Но со Овоплотувањето на Синот Божји „Бог го изградува сам својот дом”, „Христос е живиот храм”. Тогаш ние, луѓето, сме „живите камења на Божјиот дом, длабоко поврзани со Христос”. Тоа значи, предупреди Папата Фрањо, дека „ние не сме изолирани, туку сме Божји народ, кој што е Црквата”. Но Црквата, веднаш појасни Папата, „не е место во кое се испреплетуваат работи и интереси, туку Храм на Светиот Дух” во кој „секој од нас е жив камен, благодарение на дарот од Крштевањето”.
„Никој не е непотребен во Црквата! Сите сме потребни за изградба на овој Храм “, истакна Папата. “Никој не е второстепен” и никој не може да каже дека е „најважен во Црквата”:
„Сите сме еднакви пред очите на Бог! Но некој од вас може да каже: Папата не е како нас? Јас сепак сум како секој еден од вас, сите сме еднакви, сите сме браќа! Никој не е анонимен: сите ја формираме и градиме Црквата”.
„Токму ова не поканува да размислуваме над фактот дека, ако недостасува една тула од нашиот христијански живот, тогаш ќе недостасува нешто од убавината на Црквата”, истакна Папата. „Сите сме заедно, никој не може да отргне. Сите треба да го вложиме нашиот живот во Црквата, нашето срце, нашата љубов, нашата мисла, нашиот труд … Сите заедно! “.
Оттука и повикот на Светиот Отец: „Да се отвориме за дејството на Светиот Дух, за да бидеме активен дел во нашата заедница или пак ќе се затвориме во себе, велејќи: имам многу работа, тоа не е моја задача?”. „Да бидеме живи камења”, а не уморни, досадни и рамнодушни:
„Дали сте забележале колку е грд еден уморен, досаден и рамнодушен христијанин?”, запраша Папата, заклучувајќи: “Еден христијанин треба да биде жив, и да чувствува радост, затоа што е христијанин! Тој мора да ја живее убавината, бидејќи е дел од Божјиот народ и е дел од Црквата” (го*ко)