Папата упати порака до Папските мисиски дела

Папата упати порака до Папските мисиски дела

Папата Фрањо испрати порака до членовите на Папските мисиски дела, собрани во Лион, каде што следната недела кардиналот Тагле ќе ја прогласи за блажена Полин Жарико, основателка на Делото за ширење на верата: мисионерското преобраќање на Црквата не е прозелитизам, туку сведоштво.

Полин Жарико сакаше да зборува дека Црквата е мисионерска по природа и затоа секој крстен човек има мисија; или поточно е мисија. Да се помогне да се живее со таа свесност е првата задача на Папските мисиски дела – рече папата Фрањо во пораката до членовите на Папските мисиски дела, кои се собраа во Лион на 16 мај на пленарна седница која ќе заврши на 23 мај.

Околу 120 национални директори на Папските мисиски дела, заедно со нивниот претседател, надбискупот Џампиетро Дал Тос, решија да се сретнат во францускиот град истовремено со беатификацијата, следната недела, на Полин Жарико, која пред 200 години основа едно од четирите мисиски дела, односно Дело за ширење на верата. Обредот ќе го предводи кардиналот Луис Антонио Тагле, префект на Конгрегацијата за евангелизација на народите. Полин имаше 23 години кога почна да ја поддржува мисионерската работа на Црквата. Неколку години подоцна, таа започна со Жива Бројаница, мрежа посветена на молитвата и споделувањето на приходите. Родена во добро ситуирано семејство, а умрела во сиромаштија; со нејзината беатификација – истакнува Папата – Црквата потврдува дека знаела да собира богатства за небо, богатства што произлегува од храброста да се дава и кои ја откриваат тајната на животот: само давајќи може да се поседува, само ако се изгуби животот, може повторно да се најде.

Годишнини на Папските мисиски дела во 2022 година

Но, оваа година – рече папата Фрањо во својата порака – се одбележуваат 100 години од воздигнување на Делото на ширење на верата, заедно со Делото на светото детство и Свети апостол Петар, во ранг на „Папски“. Оваа година се одбележуваат и 150 години од раѓањето на основачот на Папскиот мисионерски сојуз, блажениот Паоло Мана. Овие јубилеи – објасни тој – се вклучени со прославата на 400 годишнината од Конгрегацијата De Propaganda Fide, со кои мисиските дела се тесно поврзана и со кои соработуваат во поддршката на црквите во областите доверени на дикастеријата, основани за поддршка и координација на ширењето на Евангелието во дотогаш непознатите земји.

Црквата и евангелизацијата

Папата истакна дека евангелизацискиот поттик никогаш не и недостасувал на Црквата и секогаш останува нејзина основна динамика. Затоа, тој појасни дека апостолската конституција Praedicate Evangelium, за реформата на Римската курија, сака Дикастеријата за евангелизација да има посебна улога во поддршката на мисионерското преобраќање на Црквата, што не е прозелитизам, туку сведоштво: излегувајќи од себе за да се навести со животот бесплатната и спасоносна љубов Божја кон нас, кои сме повикани сите да бидеме браќа и сестри.

Мисионерско преобраќање

Потоа, папата Фрањо во својата порака истакнува три аспекти кои, благодарение на делувањето на Светиот Дух, придонеле многу за ширењето на Евангелието во историјата на Папските мисиски дела: мисионерското преобраќање, молитвата и конкретноста на милосрдието. Што се однесува до мисионерското преобраќање, тој прецизира дека добрината на мисијата зависи од излегувањто од себе, од желбата животот да не е насочен кон себе, туку кон Исус, кој дојде да служи, а не да му се служи. Пример за тоа е Полин Жарико, која се обидела да се поистовети со својот Господ, исто и низ страдањата низ кои поминала, за да го запали во секој човек пламенот на неговата љубов. Во тоа е изворот на посланието, истакна Папата, во жарот на верата која не се задоволува и која преку преобраќањето од ден на ден станува имитација за да се насочи Божјото мислордие кон патиштата на светот.

Молитва

Што се однесува до молитвата, Папата истакна дека таа е првиот облик на посланието и дека не случајно Полин ја придружила Живата Бројаница во Делото за ширење на верата, речиси како да сакала да потврди дека посланието започнува со молитва и не може да се постигне без неа. Зашто Господовиот Дух е тој што претходи и ги овозможува сите наши добри дела: неговата милост секогаш има предност. Во спротивно мисијата би станала залудна трка.

Конкретноста на милосрдието

Потоа, тука е материјалната помош, конкретноста на милосрдието. Полин Жарико започнала од молитвената мрежа и во исто време поттикнува на собирањето прилози во голем опсег и во креативен облик, придружено со информации за животот и активностите на мисионерите. Придонесите на толку многу едноставни луѓе биле провидоносни за историјата на мисиите.

По стапките на Полин Жарико

Папата ја заврши пораката со тоа што сака Папските мисиски дела да одат по стапките на Полин Жарико – „големата мисионерка“ – да дозволат да бидат вдахновени од нејзината конкретна вера, смела храброст и великодушна креативност.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот