По катехезата на Генералната аудиенција, папата Фрањо ги спомна страдањата од војната во Источна Европа и пред иконата на Пресвета Богородица се помоли за мир, икона која им е мила на Украинците и Белорусите. Во поздравот до полските ходочасници го спомна примерот на Бенедикт XVI: „Нека неговата вера ве поттикне на духовен раст заснован на вистината на Евангелието“.
По катехезата во среда 11 јануари 2023 година, Светиот Отец уште еднаш повика да не се заборави напатената Украина, која – како што рече – секогаш е во нашите срца. Ја изразуваме нашата љубов, близина и молитва кон тој народ, кој поминува низ брутално страдање – рече Папата и застана неколку моменти во тишина пред иконата позната како Пресвета Богородица на народот, која се почитува во самата Украина и Белорусија, молејќи се за таа мила земја и за мир. Ве повикувам духовно да се соединиме во оваа моја молитва – додаде папата Фрањо.
Науката на Бенедикт XVI.
Поздравувајќи ги полските ходочасници на крајот од аудиенцијата, тој спомена како во изминатите денови му се заблагодаривме на Бога за личноста, учењето и примерот на почесниот папа Бенедикт XVI.
Неговата вера нека ве поттикне на духовен раст, заснован на вистината на Евангелието и братската љубов, што треба да се сведочи во семејството, на работното место и во општествениот живот.
Кратко пред тоа, поздравувајќи ги ходочасниците кои зборуваат германски, Папата рече: „Како што нè научи папата Бенедикт XVI, ве повикувам со доверба да погледнете во Исус Христос, Спасителот. Така можеме, како апостол Матеј, да ја доживееме љубовта и милоста Господова“.
Ватикан њуз/к.мк