Папата: Страв или доверба – што чувствуваме пред Бог?

Папата: Страв или доверба – што чувствуваме пред Бог?

Страв или доверба – што чувствуваме пред Бог? – за тоа прашање папата Фрањо размислуваше во пладневниот наговор пред молитвата Ангел Господов, на 19 ноември 2017 година, последната недела од литургиската година, кога во литургиските читања Евангелието според Матеј ни ја дава параболата за талантите.

Светиот Отец се обрати на верниците собрани на плоштадот Свети Петар повикувајќи ги да размислуваат токму за пораката која доаѓа од таа парабола, и за различното однесување на слугите на кои господарот им дава по еден, два и пет таланти, во согласност со нивните способности. Сите ги употребиле своите таланти, освен едниот, кој плашејќи се од господарот, својот талант го сокрил.

Стравот секогаш блокира – рече Папата – и често прави да се донесат погрешни одлуки. Стравот обесхрабрува во преземањето на иницијативи, поттикнува на прибегнување кон сигурни и загарантирани решенија и така на крајот не се остварува ништо добро. За да одиме напред и да растеме на патот на животот, не треба да се плашиме; напротив треба да имаме доверба – истакна папата Фрањо.

Оттука доаѓа првата поука која треба да ја извлечеме од евангелската парабола: важно е да се има вистинската идеја за Бог – рече Светиот Отец. Не смееме да мислиме дека Он е лош, тврдокорен и строг господар кој сака да нѐ казни. Ако во нас е таа погрешна замисла за Бог, нашиот живот нема да може да биде плоден, затоа што ќе живееме во страв, а тоа нема да нѐ доведе до ништо конструктивно; уште повеќе стравот нѐ паrлизира, самоуништува – истакна Папата.

Од објавите во Стариот Завет, па до Исусовото Слово, Бог секогаш се покажувал како татко полн со љубов, нежност, татко на добрината – рече Светиот Отец и додаде: Заради тоа можеме и мораме, да имаме бескрајна доверба во Него. Исус на повеќе начини ни ја покажува великодушноста на Отецот и грижата: со зборови, гестови, прифаќање на сите посебно на грешниците, малите и сиромашните – на што денес нѐ потсетува Првиот светски ден на сиромашните – но и со своите опомени со кои се покажува неговото интересирање за нас за да не го потрошиме бескорисно својот живот.

Тоа е знак – рече Папата – на големо почитување кое Бог го има кон нас, а таа свест ни помага да бидеме одговорни во секое делување. Затоа параболата за талантите нѐ повикува на лична одговорност и на верност која станува способност секогаш да тргнуваме по нови патишта, не сокривајќи го во земјата талантот, односно даровите кои Бог ни ги доверил и за кои ќе нѐ праша.

По молитвата Ангел Господов, Папата повторно се осврна на денешниот Прв Светски ден на сиромашните, и посака тие секогаш да бидат во центарот на нашите заедници, а не само во моментите како овој, затоа што – како што рече – тие се срцето на Евангелието, во нив го среќаваме Исус, кој ни зборува и нѐ повикува преку нивното страдање и нивните потреби.

Во служењето на сиромашните, Папата како пример го истакна капуцинот Франческо Солана, кој вчера во Детроит, во САД е прогласен за блажен. Нека неговото сведоштво им помогне на свештениците, монасите и монахињите и лаиците, радосно да ја живеат врската помеѓу навестувањето на Евангелието и љубовта кон сиромашните – поттикна папата Фрањо.

Освен тоа, Папата во пладневниот наговор повторно ги спомна сите народи кои заради војни и конфликти живеат во болно сиромаштво. Повторно упатувам до меѓународната заедница силен апел да ги вложат сите можни напори за да се поддржи мирот, посебно на Блискиот Исток. Посебно мислите ги упатувам до саканиот либанонски народ, и се молам за стабилност во таа земја, за и понатаму да може да биде „порака“ на почитување и соживот за целото тоа подрачје и за целиот свет – рече Папата.

Папата потоа рече дека се моли за 44 членови на екипажот на аргентинската подморница, кои во средата исчезнаа на југот на Аргентина и кои и понатаму се бараат со помош на бродови и авиони. На крајот се осврна и на денешниот Ден на сеќавање на жртвите во сообраќајот, кој го основаше Организацијата на обединетите нации, и ги охрабри јавните институции во заземањето во превенцијата, и ги поттикна возачите на внимание и почитување на правилата, што е првиот облик на сопствена заштита и заштита на другите.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот