Меѓународниот ден на старите луѓе кој Организацијата на Обединетите нации го основала во 1990 година, ја потврдува обврската за промовирање на правата на старите луѓе. За папата Фрањо тие се „корените и сеќавањето на еден народ.“
Во светот живеат речиси 700 милиони луѓе кои имаат повеќе од 60 години. Тој податок го објави Организацијата на Обединетите нации по повод Меѓународниот ден на старите луѓе, истакнувајќи пораст на бројот на старите луѓе посебно во Азија и Африка. Се проценува дека во 2050 година 2 милијарди луѓе односно повеќе од 20% од светското население ќе има 60 или повеќе години.
Спротистави се на културата на отфрлање
Изминатите денови папата Фрањо испрати порака по повод меѓународната средба насловена „Силата на годините. Без соништата навистина се остарува,“ која во Фиренца ја организираше заедницата Свети Егидиј. Притоа истакна дека на старите луѓе им припаѓа посебниот повик за сеќавање и соништа кои треба да ги пренесуваат на младите генерации, и дека за градењето на подобар свет потребно е да се надмине преовладувачката култура на отфрлање. Тој повик папата Фрањо повеќе пати го повтори како на пример на средбата со старите луѓе на плоштадот Свети Петар на 28 септември 2014 година. Во таа прилика истакна дека напуштањето на старите е сокриена евтаназија.
Колку пати ги отфрламе старите луѓе напуштајќи ги, што всушност е сокриена евтаназија! Тоа е последица на културата на отфрлање која е многу лоша за нашиот свет. Се отфрлаат децата, се отфрлаат младите затоа што немаат работа, се отфрлаат и старите луѓе, со стремежот за одржување на економскиот систем „балансиран“, а во чиј центар не е човекот, туку парите. Сите сме повикани да се спротивставиме на таа отровна култура на отфрлање! – истакна Светиот Отец.
Повик на сведочење на важните вредности
Папата Фрањо повеќе пати истакна исто така дека старите луѓе се стебло кое и понатаму носи плод, односно важен дел на христијанската заедница и општеството затоа што се корените и сеќавањето на еден народ. Така во говорот до членовите на Италијанското здружение на стари работници, истакна дека секоја животна возраст е Божји дар кој има своја убавина и важност, па и ако ги карактеризира слабост. Затоа повторното побудување на чувството на благодарност кон старите луѓе – како што рече во катехезата на Генералната аудиенција на 4 март 2015 година – задача на Црквата која не сака да се прилагоди на менталитетот на нетолерантноста и омаловажувањето.
Ватикан њуз/к.мк