Папата служеше света Литургија по повод 400-годишнината од осветувањето на базиликата „Свети Петар“
По повод 400-годишнината од посветувањето на денешната базилика „Свети Петар“, папата Лав XIV ги потсети верниците дека Христос е единствениот камен-темелник на мисијата на Црквата и истакна дека базиликата нè повикува да веруваме „не поради убавите камења од кои е изградена, туку поради верата што сјае низ нив“.
„Зошто ова место на погребение“, скромниот гроб на еден рибар од Галилеја, „станало еден од најславните споменици во целиот свет, во срцето на католицизмот?“, праша папата Лав XIV на почетокот од својата проповед на светата Литургија по повод 400-годишнината од посветувањето на базиликата „Свети Петар“.
Одговорот, рече Папата, го наоѓаме во денешното Евангелие, кое зборува „за верата на еден човек кој, по волјата на Исус, неговиот Учител и Господ, станува ново создание“.
Светиот Отец нагласи дека целата базилика, во секој нејзин дел, служи на една единствена стварност, верата. „Верата на Петар, католичката вера, нашата вера.“
Исповедта на Свети Петар дека Исус е „Христос, Син на живиот Бог“ е токму онаа исповед што ја направила плодна почвата на Ватиканскиот рид, за низ вековите да носи плодови на светост.
Папата Лав објасни дека ние самите „сме тој плод“, живи камења и храм на Светиот Дух, изградени врз Христос како темел.
Исповедта на Петар, рече тој, укажува и на неговата трајна служба во полза на целата Црква и за спасението на светот. Таа затоа „не е само настан од минатото“, туку и повик до секој од нас да ја открие сопствената мисија во дијалог со Исус.
Папата потоа потсети на дијалогот меѓу Исус и Петар во Евангелието според Свети Иван, кога Господ го прашува апостолот „Ме љубиш ли?“
Тоа е прашање „што чука во срцето на секој Папа“, рече Светиот Отец, бидејќи „мисијата што Петар ја примил да го пасе Исусовото стадо секогаш ќе биде поврзана со оваа бесплатна љубов, со оваа љубов на пријателството“.
Таквиот однос со Христос, продолжи папата Лав, се наоѓа во самото срце на верата што ја споделуваме. Да Го препознаеме Исус како Господ и Учител значи истовремено да ја откриеме вистината за самите себе.
„Базиликата што денес нè прима е, на некој начин, знак на светиот простор на совеста, каде што верата живее и созрева во пријателството со Господ и во служењето на Црквата, дури и до мачеништво“, рече Папата.
Осврнувајќи се на историјата на базиликата, од првата црква изградена во времето на царот Константин до денешната величествена градба, папата Лав повторно се наврати на мисијата на Црквата, изградена врз единствениот камен-темелник, распнатиот и воскреснат Исус Христос.
Папата ги потсети верниците дека Христос постојано е присутен во овој храм преку најважниот настан што се случува во него, славењето на Евхаристијата.
Тој нагласи дека Евхаристијата е истата света Тајна, без разлика дали се слави во базиликата „Свети Петар“ или во најмалата црква во светот, и дека во тој чин „учествува целата Црква“.
„За да сведочи за Него, Синот на живиот Бог, е изградена оваа прекрасна базилика“, рече Папата. „За да Му служи Нему во секој маж и секоја жена, Црквата постои и чекори низ историјата.“
Против таа Црква „портите на пеколот нема да ги надвладеат“, продолжи папата Лав, потсетувајќи на Христовото ветување во Евангелието.
„Војната нема да надвладее сè додека го навестуваме мирот. Бедата нема да надвладее сè додека сведочиме за милосрдието. Заблудата нема да надвладее сè додека ја поучуваме вистината. Очајот нема да надвладее сè додека на сите им го навестуваме спасението во името на Исус.“
„Тоа е нашата мисија“, рече папата Лав.
На крајот ги повика верниците да ги погледнат големите портали, сводовите, балконите и прозорците на базиликата, која широко се отвора кон плоштадот и кон светот со универзалната покана „Дојдете, влезете, вкусете!“ Со еден збор, „Верувајте!“
Ватикан њуз/к.мк

