Папата: Сите можеме да бидеме носители на помирување

Папата: Сите можеме да бидеме носители на помирување

За време на својата посета на римската парохија „Воведение на Пресвета Богородица“ на 8 март 2026 година, папата Лав XIV се сретна со различни групи верници, повикувајќи ги да бидат знак на Црквата што излегува во пресрет на луѓето.

Светиот Отец најнапред беше пречекан од најмладите верници: деца што се подготвуваат за Прва Причест, млади од парохијата и извидници, кои го чекаа пред црквата. Неколку момчиња и девојчиња од Украина, облечени во традиционални народни носии, му предадоа на Папата писмо со молба да се моли за нивната татковина.

Да бидеме градители на мирот и носители на помирувањето

Разговорот на Лав XIV со децата и младите допре до различни теми, меѓу кои и актуелната, вознемирувачка состојба во светот. Папата ги повика младите парохјани да бидат градители на мирот во својата средина.

„Избегнувајте ги сите облици на насилство, омраза и поделби и стремете се да бидете миротворци, носители на помирување во денешниот свет. Така, уште од детството, можеме да се научиме да бидеме градители на мирот, кој е навистина неопходен во современиот свет“, рече Папата.

Средба со Исус преку грижата за другите

Светиот Отец потсети и на важноста на молитвата. Тој ги охрабри присутните да ги доверуваат тешкотиите и грижите на Христос, да се молат за оние што страдаат и да Го пронаоѓаат во грижата за другите и пријателството.

„Една од прекрасните работи е парохијата: таа е како ‘градина’ во која луѓето можат да дојдат за да Го најдат Исус Христос, да ја најдат заедницата на верата и помошта што им е потребна“, рече Лав XIV, нагласувајќи дека верниците се повикани да бидат светлина и сведоци за другите.

Достоинството на Божјите чеда

За време на средбата Папата им заблагодари на волонтерите од парохискиот „Каритас“ за нивната служба кон најранливите и за тоа што преку својата работа стануваат знак на Божјата љубов. Тој ги повика постарите и болните верници да се потсетуваат на достоинството на Божји чеда, кое не исчезнува со возраста или со болеста.

„Би сакал да нагласам една работа: секој од вас, дури и највозрасниот, најболниот, најслабиот, секој од вас има огромна вредност, затоа што сите сме создадени по Божји образ и сите го имаме достоинството на Божји чеда“, потсети Светиот Отец.

Црква што подава рака кон другите

Обраќајќи се кон пасторалниот совет и свештенството, Папата посака парохијата да биде знак на Црквата што подава рака кон луѓето. Тој ги повика пастирите да се грижат за духовниот живот на парохиската заедница, да ја развиваат нејзината мисионерска димензија и да ги поддржуваат семејствата во пренесувањето на верата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот