Папата се сретна со циркуските работници

Папата се сретна со циркуските работници

Под маски, игри и насмевката на циркуските работници Папата ги гледа тешкотиите и неволјите со кои се соочуваат нивните семејства при нивното лутање од едно до друго место. Примајќи го на аудиенција на 15 септември 2017 година Италијанското национално здружение на работниците со патувачки приредби, папата Фрањо ги спомна тешкотиите во пронаоѓањето на соодветен простор за караваните, кои често се надвор од градовите, како и недовербата на заедницата, која неретко не ја цени општествената вредност на овој вид спектакл.

Не се обесхрабрувајте – ги поттикна Папата – продолжете да одите по својот пат, како нашите градови и села не би го загубиле задоволството на таа посебна убавина добиена со вашата присутност, вашата уметност и радост. Тој пат е осветлен со вера, која циркуските работници ја живеат во семејствата, во потполна доверба на Провидноста, а која се обновува во парохиите, места за духовен одмор, за средба со заедницата и за светотаински живот. Поради тоа сакам помеѓу вашите патувачки заедници и парохиските заедници секогаш да владее отвореност, средба, желба за запознавање и заеднички моменти во животот и молитвата – напомена папата Фрањо.

Потсетувајќи се на средбата со циркуските работници, одржана во јуни минатата година, Светиот Отец ги нарече мајстори на славењето, воодушевувањето и убавината (…) Радоста е клучниот збор кој папата Фрањо повеќе пати го повтори пред присутните, при што го истакна нивното звање. Тоа звање станува послание, послание кое на луѓето, децата, возрасните и постарите лица им дава можност за здрава и чиста забава. А во тоа звање и послание – додаде Папата – како е можно да ја нема Божјата рака? Бог нѐ љуби и сака да бидеме среќни. Каде што владее едноставната, чистата радост, таму е и Неговата трага. Поради тоа, ако знаете да ја зачувате таа вредност, таа чистота и едноставност, вие сте гласници на радоста, која Бог ја сака и која доаѓа од Него – истакна на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот