Папата се сретна со волонтерите на Светскиот ден на младите

Папата се сретна со волонтерите на Светскиот ден на младите

На завршниот настан од Светскиот ден на млади, папата Фрањо изрази благодарност до 25.000 волонтери кои со својата посветеност и труд го овозможија Светскиот ден на млади.

На својата последна средба со младите во Лисабон во неделата попладне, на 6 август 2023 година, папата Фрањо се сретна со 25.000 волонтери на Светскиот ден на млади за да ја изрази својата благодарност за нивната великодушност, служба и вера. Волонтерите доаѓаат од целиот свет и претставуваат повеќе од 150 земји.

Славење и радост

Настанот започна со видео кое ги прикажува главните моменти на Светскиот ден на млади за да се потсетат сите повторно на изминатите неколку дена на славење и радост. Учесниците од целиот свет ги споделија своите искуства и впечатоци во видеото кое беше претставено.

Потоа тројца млади учесници понудија свои сведоштва во живо кажувајќи му на Папата за искуството на Светскиот ден на млади и како овие денови ја преобразија нивната вера.

Кјара, девојка од Германија, која работи во пасторал за млади, рече дека настаните од Светскиот ден на млади и дале опипливо искуство на безграничната Божја љубов и прифаќање.

Франциско од Португалија, кој неодамна завршил факултет, изминатата година помагал како волонтер во подготовките за Светскиот ден на млади. Тој рече дека тоа било долго патување и напорна работа, но прекрасно искуство на внатрешен раст и гледање на Исус во другите, особено преку насмевките на колегите со кои работел.

Потоа Филипе, исто така волонтер од Португалија, зборуваше за тоа како Светскиот ден на младите му помогнал да се доближи до Господ и да го препознае Господ во секоја личност што ќе ја сретне. Тој ја го своето животно послание да му служи на Христа и на другите за мир во нашиот свет.

Благодарност

Потоа лисабонскиот патријарх кардинал Мануел Клементе му се заблагодари на Папата за присуството и учеството, истакнувајќи дека секој што имал можност да учествува ќе го носи во срце стекнатото искуство. Им се заблагодари на волонтерите за нивната голема посветеност, нарекувајќи ги „генерација на Светскиот ден на младите 2023 година“.

Папата Фрањо изрази голема благодарност и ги пофали сите млади луѓе за нивните напори со што ги овозможија овие незаборавни денови. Потсетувајќи како тие даваат пример за тоа што значи да се биде вистински тим и да се служи за доброто на другите.

Радоста во служењето

Папата рече дека и покрај уморот што понекогаш може да се види на нивните лица, секогаш се забележува дека нивните очи светат од „радоста при служењето“.

Потсетувајќи на сведочењата на Кјара, Франциско и Филипе, Папата истакна дека сите тројца млади зборувале за „посебна средба со Исус“ и дека ова е „најубавото“ искуство кое станало „мотор“ што ќе им помогне на младите да продолжат да живеат живот со вера и служење.

Папата ги поттикна младите волонтери да ја обновуваат средбата со Исус секој ден не само во нивните глави, туку и во нивните срца. Тоа е и двојна средба, истакна Римскиот бискуп, средба со Исус и средба со Него во другите кои ги среќаваме и им помагаме.

Бидете „сурфери на љубовта“

На крајот, Папата потсети дека северно од Лисабон се наоѓа крајбрежниот град Назаре, каде брановите кои понекогаш доаѓаат од океанот можат да достигнат висина од 30 метри, што е светска атракција за посетителите и сурферите. Папата рече дека волонтерите наишле на подеднакво високи бранови со 1,5 милион млади луѓе кои присуствувале во Лисабон за Светскиот ден на младите, но дека со Божја помош и со нивната лична великодушност и сила успеале сето тоа да го надминат.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот