Папата Лав се моли за погодените од тајфунот што ги зафати Филипините, Тајван, Хонг Конг, Виетнам и делови од Кина. Тој исто така објави дека Свети Џон Хенри Њуман ќе биде прогласен за Учител на Црквата на 1 ноември.
Кон крајот на светата Литургија за Јубилејот на катехистите, а пред да ја моли пладневната молитва Ангел Господов, папата Лав им се обрати на верниците собрани на плоштадот Свети Петар.
Неговите мисли особено беа упатени кон Азија, каде што, како што рече, „многу моќен тајфун“погоди неколку региони, „особено Филипините, островот Тајван, градот Хонг Конг, регионот Гуангдонг и Виетнам“.
„Го уверувам погоденото население“, продолжи Папата, „особено најсиромашните, во мојата близина и моите молитви за жртвите, исчезнатите, многуте раселени семејства, бројните луѓе кои претрпеле тешкотии, како и за спасувачките екипи и цивилните власти.“
„Ги повикувам сите да се потпрат на Бога и да покажат солидарност со другите. Нека Господ им даде сила и храброст за надминување на секоја неволја.“
Тајфунот Рагаса, за кој се вели дека е најсилниот досега оваа година, принуди евакуација на над два милиони луѓе само во Гуангдонг. Покрај обемните штети, поплавите, прекините во електричната енергија и лизгања на земјиште, тој предизвика најмалку 25 смртни случаи на Филипините и 14 во Тајван.
Џон Хенри Њуман ќе биде Учител на Црквата
Папата го објави и датумот на доделување на титулата Доктор на Црквата, веќе објавена на 31 јули, на кардиналот Џон Хенри Њуман.
Англискиот автор беше беатификуван од папата Бенедикт XVI на 19 септември 2010 година, а потоа канонизиран од папата Фрањо на 13 октомври 2019 година.
Папата Лав рече дека Њуман „дал одлучувачки придонес во обновата на теологијата и разбирањето на развојот на христијанската доктрина“.
Роден на 21 февруари 1801 година во Лондон, Њуман станал англикански свештеник на 24-годишна возраст. Во 1845 година, тој побарал да влезе во Католичката црква, а две години подоцна бил ракоположен за свештеник. Познат теолог и филозоф, бил поставен за кардинал од папата Лав XIII и го избрал мотото: Cor ad cor loquitur – „Срцето зборува на срце“, фраза што му се припишува на Свети Фрањо од Салес и на која папата Фрањо се осврнува во неговата енциклика Dilexit nos.
Благодарност до катехистите
Потоа папата Лав топло ги поздрави лицата кои ја примија службата на катехист за време на светата Литургија, како и сите оние кои работат низ целиот свет.
„Им посакувам плодна служба на сите катехисти во Црквата низ целиот свет! Ви благодарам за вашата служба на Црквата. Да молиме за нив, особено за оние кои работат во тешки услови.“
Ватикан њуз/к.мк