Папата се молеше за чесните сестри кои го ризикуваат и даруваат својот живот служејќи им на болните
Папата Фрањо на светата Литургија во домот Света Марта се молеше за монахињите кои им служат на болните и сиромашните, посебно мислејќи на Ќерките на милосрдието на свети Винко Паулски, кои веќе 98 години работат за потребите во ватиканската амбуланта.
Денес на празникот Благовест, чесните сестри Ќерки на милосрдието на свети Винко Паулски кои ја водат и служат во амбулантата во Ватикан веќе 98 години кои се овде на светата Литургија ги обновија своите завети заедно со своите сосестри на сите страни на светот. Оваа света Литургија ја пренесуваме за нив, за нивната Конгрегација која постојано работи со болните и сиромашните, како и овде веќе 98 години и за сите сестри кои во овој момент се грижат за болните, го ризикуваат и го даруваат сопствениот живот – рече папата Фрањо на светата Литургија која која служеше на 25 март 2020 година во домот Света Марта.
Коментирајќи го Еангелието за денешниот празник, Папата истакна дека евангелистот Лука тие работи можел да ги знае само од раскажувањето на Марија. Слушајќи го евангелистот Лука сме ја слушале Марија која раскажува за тоа таинство. Стоиме пред таинството. Можеби читањето на тој дел е најдоброто што сега можеме да го направиме, мислејќи дека тоа Пресвета Богородица го раскажува – рече Папата и цитираше: А во шестиот месец беше испратен од Бога ангелот Гавриил во галилејскиот град, по име Назарет, при една девојка, свршена за маж по име Јосиф, од домот Давидов; а името на девојката името ѝ беше Марија.“
И кога влезе ангелот при неа, рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!“ А таа, штом го виде, се уплаши од зборовите негови и помисли: „Каков е овој поздрав?“ И ѝ рече ангелот: „Не бој се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе го наречеш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида; и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај.“
А Марија му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?“ Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји. Ете и Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неплодна, и таа зачна син во староста своја; нејзе ѝ е веќе шести месец; зашто нема да остане во Бога ниеден збор без сила.” Марија, пак, рече: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!“ И ангелот си отиде од неа.
Папата светата Литургија ја заврши со Обожавање и со евхаристиски благослов, повикувајќи на духовна причест и молејќи: Пред твоите нозе Исусе мој, се поклонуваме и Ти го даваме своето скрушено срце кое се кае и се спушта во својата ништожност и во твоето свето присуство. Ти се поклонувам во светата Тајна на твојата љубов, сакам да Те примам во сиромашното престојувалиште кое ти го дава моето срце. Очекувајќи ја среќата за светотаинско заедништво, сакам да Те поседувам во духот. Исусе, дојди кај мене, дај да дојдам кај Тебе. Нека Твојата љубов го запали целото мое битие за живот и смрт. Верувам во Тебе, се надевам во Тебе, Те љубам Тебе. Така нека биде!
Ватикан њуз/к.мк