Папата се молеше за лекарите и свештениците кои починаа служејќи на болните од коронавирус
На светата Литургија во домот Света Марта, папата Фрањо се молеше за лекарите, болничарите, медицинските сестри и свештениците кои починаа од коронавирусот затоа што се заразиле додека им служеле на болните. Заблагодарувајќи му се на Бог за неговиот херојски пример кој ни го даваат во грижата за болните, Папата предупреди на опасноста од гревот на мрзеливост, тромост и апатија.
Ме известија дека овие денови починаа неколку лекари и свештеници, не знам дали има починати болничари и медицински сестри, но има заразени, затоа што им служеле на болните. Да молиме за нив и за нивните семејства; На Бог Му благодарам за нивниот херојски пример кои ни го даваат во грижата за болните – рече папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта на 24 март 2020 година. Коментирајќи го Евангелието за денешната Литургија кое зборува како Исус оздравува болен во бањата Витезда, Папата предупреди на опасноста од гревот на мрзеливост, тромост и опуштеност.
Денешната Литургија нè поттикнува на размислување за водата како симбол на спасението, затоа што е средство за спасение; но водата е и средство за уништување, да се сетиме на потопот – рече Светиот Отец и истакна, во денешните читање се работи за водата на спасението. Во првото читање се зборува за водата која води во живот, облагородува морската вода, односно за новата вода која лекува. Во Евангелието се зборува за бања каде оделе болни, полна со вода за оздравување; имено се зборува дека понекогаш водата се раздвижуваше, како една река „зашто одвреме навреме во бањата слегуваше ангел Господов и ја раздвижуваше водата; и кој прв ќе влезеше по раздвижувањето на водата, оздравуваше од каква и да било болест да боледуваше.“
На тремовите на бањата Витезда лежеле многу болни, слепи, хроми, суви – рече папата Фрањо и продолжи: Чекале оздравување, да се раздвижи водата. Таму бил и еден човек кој боледувал 38 години. Да бидеш таму 38 години и да чекаш оздравување… За тоа треба да се замислиме. Тоа е премногу, затоа што човекот кој сака да оздрави ќе си најде некој кој ќе му помогне, кој се движи, и кој е малку поитар. Но, 38 години да се биде таму, до таа мерка што повеќе не знае дали е болен или мртов…
Исус гледајќи го како лежи и знаејќи дека таму бил долго, му рекол: „Сакаш ли да оздравиш?“ – рече Папата и додаде, одговорот е интересен, не рекол дека сака, туку се жалел. Болниот Му одговори: „Да, Господи! Само немам човек што ќе ме спушти во бањата кога ќе се замати водата; додека, пак, јас дојдам, друг слегува пред мене.“ Тој бил човекот кој секогаш доцнел. Исус му рекол: „Стани, земи ја постелката своја и оди си!“ И веднаш оздраве човекот.
Мора да се замислиме за однесувањето на тој човек? Бил болен? – праша Светиот Отец и одговори: Да, веројатно боледувал од некој инвалидитет, но изгледа дека можел помалку да оди. Бил болен во срцето, во душата, болен од песимизмот, тага и од апатија. Таа е неговата болест. „Да сакам да живеам, но…“ и стои таму. Одговорот би требало да биде: „Да, сакам да оздравам, а не да се жали: „Другите се пред мене, секогаш другите.“ Тој одговор на Исусовата понуда е оздравувањето од жалењето на другите. Тоа значи 38 години да се жалиш на другите и да не направиш ништо за да оздравиш.
Било сабота; слушнавме што направиле книжниците. Но, клучот е средбата со Исус – рече папата Фрањо и истакна: Исус подоцна го сретнал во храмот и му рекол: „Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!“ Тој човек бил во грев, но не бил таму затоа што направил нешто големо. Неговиот грев бил тоа што се грижел само како да преживее и што се жалел од другите. Тоа е гревот на жалоста кое е ѓаволско семе, гревот на неспособноста за донесување на одлуки за сопствениот живот, да ги гледаш животите на другите за да се жалиш. Не за да ги критикуваш, туку да се жалиш на нив. Тие се први, ни сме жртви на тој живот… Тоа се луѓе кои постојано се жалат.
Ако таа парабола ја споредиме со она за слепородениот која ја слушнавме во неделата, гледаме колку радост и како слепиот одлучно го прифати оздравувањето и отиде да ги информира книжниците – рече Папата и напомена: Меѓутоа тој болен само си заминал и рекол: „Оној, што ме излекува, ми рече“ и точка. Апатијата е отров; магла која ја гуши душата и не и дава да живее. Тоа е дрога, затоа што ако често ја пробувате, ви се допаѓа и ќе завршите како тажни зависници. Тоа е завист од апатијата. Тоа е како воздух. Тој грев е прилично вообичаен меѓу нас: тага и апатија; не кажувам меланхолија, но ѝ се приближува.
Добро е повторно да се прочита 5 глава од Евангелието според Иван за да видиме каква е таа болест во која можеме да паднеме – рече Светиот Отец и истакна: Водата е затоа за да нè спаси. Некои ќе кажат: Но, ние не можеме да се спасиме.“ Зошто? „Затоа што тоа е вина на другите.“ И 38 години ќе останеме таму… Болниот рекол: „Исус ме оздрави.“ Не ги гледа реакциите на другите кои оздравиле, кои ја земале својата постелка и играле, пееле, се заблагодарувале и зборувале за тоа на целиот свет. Не; отишол понатаму.
Другите му рекле дека не смее да ја носи постелката затоа што е сабота, а тој им одговорил: „Оној, што ме излекува, ми рече: „Земи ја постелката своја и оди!“ и одел понтаму – рече папата Фрањо и истакна: И после тоа наместо да отиде кај Исус за да се заблагодари, отишол кај Јудејците и рекол дека Исус е оној кој го оздравил. Тој е еден сив живот заради тој лош дух кој е апатија, тага и меланхолија. Да размислиме за водата која е симбол на нашата сила и животот, и која Исус ја користи за повотрно да нè роди во крштението. Да размислиме дали некој од нас е во опасност да падне во таа апатија, во тој грев на неутралност; не е ниту бело ниту црно, не се знае што е.
Тоа е грев кој ѓаволот може да го користи за да го уништи нашиот духовен живот и нажиот живот како луѓе. Нека Господ ни помогне да сфатиме колку е лош и зло тој грев – рече Папата и на крајот славењето го заврши со Обожавање и Евхаристиски благослов, повикувајќи на духовна причест и молејќи: Исусе мој, верувам дека навистина си присутен во Пресветата Олтарска Тајна. Те љубам најмногу од сите работи и Те сакам во својата душа. Бидејќи сега не можам да те примам во светата Тајна, дојди барем во духот на моето срце. Бидејќи веќе си дојден Те прегрнувам и се обединувам со Тебе. Не дозволувај никогаш да се оделам од Тебе.
Ватикан њуз/к.мк