Папата Лав XIV испрати телеграма до претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, по повод неговиот 85. роденден. Во неа го уверува во своите молитви за „високата задача“ што ја извршува во служба на народот и го доверува на застапништвото на светците заштитници на Италија, свети Фрањо од Асизи и света Катерина Сиенска.
Папата Лав XIV му изрази благодарност на претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, за „постојаното внимание“ со кое го следи „црковниот и општествениот живот“ на Италија.
Во телеграмата испратена денес, 23 јули 2026 година, по повод 85. роденден на претседателот, Папата го довери Матарела на застапништвото на светците заштитници на земјата, свети Фрањо од Асизи и света Катерина Сиенска.
Поздравот на Светиот Отец е придружен и со апостолски благослов за претседателот, неговото семејство, неговите соработници и за „драгата Италија“.
Посетата на Папата на Квиринал
Римскиот епископ ја посети Квириналната палата на 14 октомври 2025 година. Во својот говор тогаш се осврна на значењето на мултилатерализмот и на поддршката за семејствата во Европа, каде што стапката на наталитет, како што забележа папата Лав XIV, „значително опаѓа“.
Папата се задржа и на војните што се водат во различни делови од светот. Тој повика да се погледнат лицата на многумина што се „преплавени од ирационалната суровост на оние што безмилосно планираат смрт и уништување“ во бројните војни „што ја разоруваат нашата планета“, и да се слушне нивниот крик.
Од своја страна, претседателот Матарела ја истакна посветеноста на папата Лав XIV на „централноста на човечката личност“ и на дијалогот.
Оваа посветеност претседателот ја повтори и ја пофали и во други пораки упатени до Папата, меѓу кои и онаа по повод првата годишнина од почетокот на неговата Петрова служба, како и во велигденската порака.
Ватикан њуз/к.мк

