Папата се заблагодари на „ангелите чувари“ на Ватикан

Папата се заблагодари на „ангелите чувари“ на Ватикан

На секому од вас сакам да го изразам својот восхит и благодарност за вашата великодушна служба, која не е без потешкотии и ризик. Во одредена смисла вие сте „ангели чувари“ на плоштадот Свети Петар – рече папата Фрањо до водачите и персоналот на Инспекторатот за јавна безбедност во Ватикан.

Светиот Отец истакна дека тие секојдневно го надгледуваат плоштадот како и другите важни места во Ватикан и тоа со големо внимание, професионализам и чувство на должност. Папата рече дека посебно во последно време покажале вештина и храброст во соочувањето со бројните предизвици и различните опасности, ангажирајќи се великодушно во задачата за спречување на криминал.

Светиот Отец ги пофали напорите на Инспекторатот за активното ангажирање за време на Вонредниот јубилеј на милосрдието кога во Рим пристигнаа голем број поклоници од целиот свет. Внимавајќи на надворешниот ред овозможивте на поклониците да постигнат внатрешен ред кој им помогна во потрагата за мир во средбата со Божјото милосрдие.

Папата потсети на неодамна завршеното божиќно време во кое имавме прилика да го упатиме својот поглед на Витлеем, Исус и неговото семејство. Синот Божји сака да стане како нас во сѐ освен во гревот, а сето тоа за да разбереме со каква љубов нѐ љубел и понатаму нѐ љуби. Таа неизмерна љубов претставува постојан повик до сите нас да искажуваме добредојде, солидарност и простување на нашите браќа. Така во себе ќе го доживееме оној мир кој ангелите им го најавиле на луѓето со добра волја – рече Светиот Отец и на крајот уште еднаш се заблагодари на безбедносните сили за нивната работа и труд и им подели апостолски благослов.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот