Папата: Световноста наметнува двоен живот
Треба да се чуваме од световноста затоа што ни „донесува двоен живот“, рече Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 17 ноември. Папата истакна дека доследниот живот е важен за зачувување на христијанскиот идентитет истотака и за ефикасно спротивставување на световните искушенија.
Осврнувајќи се на литургиското читање од Втората книга Макавејска кое говори за беспрекорниот живот на чесниот Елеазар, Папата повторно ги опомена христијаните да се чуваат од искушението на световен живот. Елеазар не сакал да јаде свинско месо, со задоволство го чувал своето достоинство стекнато со доследен живот, а со мачеништво ја посведочил доследноста на животот – рече папата Фрањо.
Духовната световност нè разделува од доследноста на животот, нè прави недоследни; некој се преправа да е доследен, но живее поинаку. Тешко е веднаш да се препознае световноста, бидејќи е како молец кој полека нагризува, ја уништува ткаенината која заради тоа станува неупотреблива; ако некој христијанин се препушти на световноста тогаш го губи христијанското достоинство – рече Светиот Отец додавајќи:
Молецот на световноста го уништува христијанското, тој не може да биде повеќе доследен. Секоја недела оди на Литургија, но кога е на работа или кога се во прашање пари повеќе не држи до својот христијански идентитет, тогаш сè е можно: мамење и корупција. Исчезнала христијанската доследност, а световноста наметнува двоен живот, разделува од Бог и го уништува христијанскиот идентитет. Исус затоа го молел Отецот да ги сочува учениците од световниот дух. Чесниот Елеазар е пример за одбрана од тој дух. Тој размислува за тоа како неговата недоследност би се одразила на младите, кои заради негова вина би можеле да се изгубат – рече Папата продолжувајќи:
Христијанскиот дух односно христијанскиот идентитет никогаш не е себичен. Со сопствената доследност секогаш настојува да избегне соблазна, да се грижи за другите, да дава добар пример. Но, оче не е лесно да се живее во овој свет, бидејќи имаме многу искушенија, а искушението на двоен живот секогаш нè опседнува. Не само што не е лесно, туку е невозможно: само Бог може да нè направи доследни. Затоа во псалмот молевме: „Господ ме поддржува“. Господ е нашата сила против световноста која го уништува христијанскиот идентитет, која нè наведува на двоен живот – истакна Папата додавајќи:
Тој може да нè спаси ако понизно му се обратиме: Господи, грешник сум; навистина сите сме грешни, но Те молиме дај ни сила да не живееме двоен живот. Ако денес имате малку време во рацете земете го Светото Писмо, Втора книга Макавејска, шеста глава и читајте ја историјата за чесниот Елеазар. Добро ќе ви дојде, ќе ве охрабри на сите да им бидете пример, а ќе ви даде сила и поддршка за бескомпромисен христијански живот – заврши Светиот Отец.
РВ/к.мк/Д.И.