Прекинете ја тишината, надминете го стравот – ги поттикна папата Фрањо верниците за време на пасхалното бдение во базиликата Свети Петар за време на кое крсти осум возрасни катекумени.
Свети Августин воскресното бдение го нарекува „мајка на сите бденија“ и тоа го претставува врвот на пасхалната тродневница. Во таа ноќ по пат на трогателни зборови и силни симболи ја славиме Исусовата смрт и воскресение. Во согласност со таа симболика, церемонијата започнува надвор од црквата, во темнина и тишина.
Тоа е тишината со која сите ние можеме да се поистоветиме – рече Папата во својата проповед. Како што Исусовите ученици стоеле неми пред крстот, неспособни да зборуваат во корист на својот Учител, така и ние стоиме неми соочени со ситуациите кои не можеме да ги управуваме верувајќи дека ништо не може да се направи за да се укинат неправдите кои нашите браќа и сестри ги поднесуваат.
Темнината и тишината нè дезориентираат и парализираат – рече Светиот Отец. Нè фрлат во рутина која гмечи и која ни го одзема сеќавањето, која ја замолчува надежта и доведува до размислувањето „така било секогаш“. Но среде таа огромна тишина каменот е оној кој „вика“ и прогласува „нов пат за сите.“ Само созданието е првиот одек на триумфот на животот над сè што се обидело да ја замолчи и загуши радоста на Евангелието.
Не плашете се… воскресна! Светиот Отец смета дека тие зборови треба да имаат влијание на нашите најдлабоки уверувања и на нашата сигурност. Треба да нè предизвикаат и да поттикнат да се довериме и да веруваме дека Бог се „случува“ во секоја ситуација и во секој човек. Воскресна од мртвите и сега нè чека нас за да учествуваме во неговото спасително дело – рече Папата додавајќи дека пораката „Христос воскресна“ ја поддржува нашата надеж претворајќи ја во конкретни гестови на делотворната љубов.
За папата Фрањо клучот за воскресното славење е да препознаеме на кој начин Бог постојано влегува во нашите лични истории предизвикувајќи ги нашите обичаи и нашите правила, оние утврдените начини на размислување и делување кои на крајот нè парализираат. Бог нè повикува тебе и мене да ги прекинеме своите рутини и да ги обновиме животите – истакна Папата и заврши со прашањето: Сакаме ли да навестуваме во тоа навестување на животот или соочени со настаните и понатаму ќе останеме неми?
РВ/к.мк