Генерална аудиенција: Праведниците се сонувачи кои во своите срца ја чуваат желбата за универзално братство
Фокусирајќи се на крепоста праведност на Генералната аудиенција која ја одржа на 3 април 2024 година, папата Фрањо во катехезата порача дека без неа нема мир. Кога не се почитува, доаѓа до конфликти и се воспоставува законот на злоупотреба на посилниот над послабиот.
Праведноста е крепост на законот, кој настојува рамноправно да ги регулира односите меѓу луѓето, објасни Папата. Нејзината цел е да постапува кон сите во општеството според нивното достоинство. Но, древните учители уште учеле дека за тоа се потребни други крепости кои придонесуваат за добар соживот меѓу луѓето, како што се добронамерноста или љубезноста.
Крепоста е таа која делува во малите и големите работи – не се однесува само на судниците, туку и на етиката што го карактеризира нашиот секојдневен живот, порача Папата.
Делумните вистини, предавството со кое некој сака да ги измами другите, премолчувањата кои ги кријат вистинските намери не се ставови во согласност со праведноста. Праведниот човек е чесен, едноставен и искрен, не носи маски, се претставува таков каков што е, вистинољубив е во својот говор. Зборот „благодарам“ често е на неговите усни: тој знае дека, колку и да се трудиме да бидеме великодушни, секогаш им остануваме должни на другите. Ако сакаме, тоа е и затоа што на нас најпрво ни е искажана љубов.
Анализирајќи ги описите на праведниците во традицијата, Светиот Отец рече дека таквиот човек не се грижи само за индивидуалната благосостојба, туку ја сака благосостојбата на целото општество. Грижете се вашето владеење да не биде штетно за другите – ако згрешите, извинете се. Во некои ситуации дури и го жртвува личното добро за да го стави на располагање на заедницата. Сака уредно општество, каде луѓето им даваат углед на позициите, а не обратно. Ја сака одговорноста и е примерен во живеењето и промовирањето на законитоста. Понатаму, праведниот човек избегнува штетно однесување како што се клевета, лажно сведочење, измама, лихварство, потсмев и нечесност. Тој го држи зборот, го враќа она што го позајмил, правично ги плаќа своите работници, се грижи да не изнесува непромислени судови за ближниот, го брани добриот глас и доброто име на другите.
Праведниците не се моралисти кои ја преземаат улогата на цензори, туку чесни луѓе кои се „гладни и жедни за праведност“ (Матеј 5, 6), сонувачи кои во своите срца ја чуваат желбата за универзално братство. А за тој сон, особено денес, сите имаме голема потреба, заврши Папата.
Ватикан њуз/к.мк