На светата Литургија Светиот Отец поттикна на молитва Господ да ни помогне да го победиме стравот кој секој од нас го има.
Во овие денови на големо страдање, има многу страв. Старите лица кои се сами во домовите за стари лица, болниците и во своите домови, и не знаат што ќе се случи, се плашат. Работниците без постојано вработување кои размислуваат како да ги нахранат своите деца и гледаат дека доаѓа глад, се плашат. Многу социјални работници кои во овој момент помагаат за општеството да оди понатаму, а истовремено можат да се заразат, се плашат. Секој од нас најдобро знае од што се плаши, сите се плашиме. Да Го молиме Господ за да ни помогне да имаме доверба, да ги поднесуваме и победиме стравовите – рече папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше на 26 март 2020 година во домот Света Марта.
Коментирајќи го првото читање од денешната Литургија од Книгата Исход кое зборува за златното теле, Папата зборува за идолите во срцата кои често ги сокриваме на лукав начин, и напомена дека заради идолопоклонството губиме сè, па и самите Господови дарови. Идолопоклонството нè води во погрешна религиозност – рече Папата и побара да ја испитаме совеста за да ги откриеме своите сокриени идоли.
Првото читање зборува за побуната на народот – рече Светиот Отец и потсети: Mојсеј отишол на гората за да го прими законот. Бог го напишал со својата рака во камен и го дал. Но, на народот му било досадно и се собрал околу Арон и рекол: „Стани и направи ни богови што ќе одат пред нас, зашто не знаеме што се случи со оној човек – со Мојсеја, кој ни изведе од земјата Египетска“ (2Мој 32, 1). Арон кој подоцна ќе стане Божји свештеник, а таму бил свештеник на глупоста и идолопоклонството рекол: „Извадете ги златните обетки од ушите на вашите жени и ќерките ваши, и донесете ми ги; му ги дале и направиле златно теле.“
Во псалмот слушнавме како Бог се жали: Направија теле на Хорив и му се поклонија на идолот. Ја заменија својата слава со образ на теле, што јаде трева.“ Тука во тој момент, кога започнува читањето: И му рече Господ на Мојсеја: „Оди поскоро и слези долу, зашто народот твој, кого го изведе од земјата Египетска, појде по пат на беззаконие. Брзо се отклонија од патот, кој им го определи и направија теле, и му се поклонија, па му принесоа жртви, и рекоа: „Ова се, Израиле, твоите богови што те изведоа од земјата Египетска“- рече папата Фрањо и предупреди, тоа е првото отпадништво од верата! Од живиот Бог се свртеле на идолопоклонството. Немале трпение да го чекаат Мојсеј да се врати. Сакале новости, сакале нешто изворедно во литургијата, нешто посебно…
Народот чувствувал носталгија за идолите и мислел на египетските идоли, но тоа било носталгија на враќање на лошото, не знаел декаа го чека живиот Бог – рече Папата и истакна, таа носталгија е болест како нашата. Започнале да одат со воодушевување, затоа што се слободни, но подоцна започнале да се жалат: „Да, но ова е тешко време, пустина, жедни сме, сакаме вода, месо… во Египет јадевме лук, добри работи, а овде тоа го нема…“ Идологијата секогаш е селективна. Нè натерува да размислуваме за добрите работи кои ви ги дава, но не ви ги покажува лошите работи. Во тој случај мислеле на она што порано го јаделе, а заборавиле дека таа била храна во ропство. Тоа е селективно идолопоклонство.
Идолопоклонството сè одзема – рече Светиот Отец и продолжи: Арон за да направи теле побарал од народот: „Извадете ги златните обетки“. Но, тоа злато и сребро им го дал Господ кога им рекол: „Побарајте од Еѓипјаните да ви позајмат злато,“ а потоа заминале со него. Тоа бил Господов дар и од Неговиот дар направиле идол. Тоа е многу лошо. Но, тоа ни се случува и на нас кога одиме кон идолопоклонството, кога сме наврзани на работите кои нè одалечуваат од Бог, затоа што правиме друг бог од даровите кои Господ ни ги дал. Тоа го правиме со умот, волјата, љубовта и срцето кои се Господови дарови, а кои ги користиме за да направиме идолопоклонство.
Некој би можел да каже: „Дома немаме идоли, туку распетие и слика од Пресвета Богородица, а тоа не се идоли – рече папата Фрањо и додаде: Но тоа не е важно: туку она што е во срцето. Прашањето кое денес мора да си го поставиме е следното: Кои идоли ги имаме во срцето? Кој е тој сокриен излез каде се чувствуваме добро и кој нè одалечува од живиот Бог. И ние многу лукаво ја користиме идологијата; знаеме да ги сокриеме идолите, како што правела Рахела кога побегнала од својот татко и ги сокрила во седлото на камилата и меѓу облеката. И ние меѓу својата облека во срцето сме сокриле многу идоли.
Кои се тие наши идоли? Кои се тие наши идоли на световноста? – праша Папата и предупреди: Идологијата доаѓа и до побожноста, затоа што народот сакал златно теле, не за да направи циркус, туку за да му се клања. Идологијата ве води во погрешна религиозност, уште повеќе, често во световност која е всушност идеологија; славењето на светите Тајни менува во световно славење. Да си замислиме на пример, свадба. Не знаеме дали тоа е света тајна каде младенците наистина даваат сè и се љубат пред Бог, ветуваат дека ќе бидат верни пред Бог и примаат Божја благодат или тоа е заради облеката која ја носат, модната изложба, односно световноста. Тоа е идолопоклонство. Тоа е пример, затоа што идолопоклонството не се запира, секогаш оди понатаму.
Прашањето кое сите мора да си го поставиме е: Кои се нашите идоли? – рече Светиот Отец и истакна: Секој има свои. Кои се моите идоли? Каде ги сокривам? Нека Господ на крајот од животот не нè најде и да му каже на секој од нас: „Се расипа, се одалечи од животот на кој те насочував, се клањаше на идоли. Да го молиме Господ за милоста да ги запознаеме своите идоли. Ако не можеме да ги истераме, барем да ги држиме во ќош.
На крајот Папата славењето го заврши со Обожавање и евхаристиски благослов, повикувајќи на духовна причест, молејќи: Исусе мој, верувам дека реално си присутен во Пресветата Тајна Евхаристија. Те љубам повеќе од сите работи и Те сакам во својата душа. Бидејќи сега не можам да те примам во светата Тајна, дојди барем во духот во моето срце. Бидејќи веќе дојде Те прегрнувам и целиот се обединувам со Тебе. Не дозволувај никогаш да се оделам од Тебе!
Ватикан њуз/к.мк