Папата: Потребно е да се биде знак и средство на милосрдието

Папата: Потребно е да се биде знак и средство на милосрдието

„Не е доволно да се искуси Божјото милосрдие во сопствениот живот; потребно е и да станеш знак и средство на тоа милосрдие за другите – рече Светиот Отец во својата катехеза на Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар на 12 октомври 2016 година во Ватикан.

„Не е доволно да се искуси Божјото милосрдие во сопствениот живот; потребно е и да станеш знак и средство на тоа милосрдие за другите. Освен тоа милосрдието не е резервирано само за посебни моменти, туку го опфаќа во целост нашето секојдневно живеење“ – рече Светиот Отец во својата катехеза на Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар на 12 октомври 2016 година во Ватикан.

Папата истакна дека за да станеме сведоци на милосрдието не е потребен извонреден напор, ниту да се прават натчовечки гестови затоа што Господ покажува многу поедноставен пат кој се состои од мали гестови кои пак во Неговите очи имаат голема вредност. Свртувајќи го вниманието на собраните на Евангелието според Матеј каде Исус вели дека кога  ќе нахраниме гладен, ќе напоиме жеден, ќе облечеме гол; ќе примиме странец, ќе посетиме затвореник или болен (Мт 25, 31-46) – дека тоа му го правиме Нему и продолжи:

Црквата овие дела ги нарекува телесни дела на милосрдието затоа што луѓето ги поддржуваат во нивните материјални потреби. Но, постојат и духовни дела на милосрдието кои луѓето ги поддржуваат во еднакво важни потреби кои ја допира нивната внатрешност и неретко луѓето заради тоа повеќе трпат. Сите сигурно ќе се сетиме на она: трпеливо да ги поднесуваме неправедните луѓе. Иако можеби изгледа како нешто неважно што можеби ќе нѐ насмее, но во себе содржи голема љубов. Така е исто и со останатите шест: оние кои се двоумат советувај ги, неуките поучи ги; грешникот укори го; тажниот и без волја утеши го; навредите прости ги; за живите и мртвите моли го Бог – потсети Папата.

Светиот Отец најави дека во катехезите кои ќе следуваат ќе се задржи на овие дела кои Црквата ги претставува како конкретен начин на живеење на милосрдието. Многу едноставни луѓе низ вековите вршејќи ги овие дела оставиле вистинско сведоштво на верата. Црквата пак верна на својот Господ негува посебна љубов кон оние најслабите. Често тоа се луѓе во близина и им е потребна нашата помош и нема потреба посебно да ги бараме. Во светот погоден од „вирусот на рамнодушноста“, делата на милосрдието се најдобар противотров – нагласи Светиот Отец, продолжувајќи:

Да се препознае во оние во потреба Исусовото лице е вистински предизвик со оглед на рамнодушноста. Стануваме будни и избегнуваме Исус да помине покрај нас, а да не го препознаеме. Наведувајќи ја изреката на свети Августин: „Се плашам од Исуса кој поминува,“ папата Фрањо објасни дека кога Исус во ближниот поминува покрај нас, а не сме го препознале ја губиме можноста за средба со Него.

Делата на милосрдието во нас повторно будат барање и способност верата да се одржи жива и ефикасна преку милосрдието, рече Папата, додавајќи дека е уверен како со овие мали гестови може да се изврши вистинска културана револуција како што тоа се случувало и порано.

Колку светци и светици се познати не по остварувањето на големи дела, туку по тоа што на ближниот знаеле да му соопштат љубов – рече Папата потсетувајќи на неодамнешната канонизација на Мајка Тереза на која се сеќаваме, не по големиот број на домови кои ги отворила, туку по тоа што знаела да се наведне над секој човек на улицата за да му го врати достоинството. Колку напуштени деца знаела да ги прегрне; колку на умирање – држејќи ги за рака – ги испраќала до прагот на вечноста!

Нека Светиот Дух ни помогне и во нас да се запали желбата да го живееме овој начин на живот. Да ги научиме напамет телесните и духовните дела на милосрдието и од Господ да молиме да ни помогне секојдневно да ги практикуваме – рече на крајот од својата катехеза папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот