Пред Генералната аудиенција Папата ја поздрави делегацијата од џамијата од Болоња и им врачи писмен говор во кој ги охрабрува христијаните, Евреите и муслиманите да му дадат на современиот свет сведоштво за братство. Исто така, го поттикнува почитувањето на верската слобода: „Секој верник треба да се чувствува слободен да ја предлага, и никогаш да не ја наметнува својата вера на другите луѓе, без разлика дали се верници или не“. И мешаните бракови „не смеат да бидат можност за преобраќање на сопружниците“.
Кратката средба со група муслимани од Болоња во работната соба на салата Павле VI, пред Генералната аудиенција на 26 јуни 2024 година, беше можност за папата Фрањо уште еднаш да поттикне на општо братство. Светиот Отец тоа го направи во говорот што го одржа пред делегацијата од џамијата на главниот град на италијанската област Емилија-Ромања, во кој најнапред бара од верниците од сите вери да промовираат хармонија меѓу народите.
Светот, особено во овој историски момент, има потреба од доследни верници кои силно се ангажирани во градењето и одржувањето на социјалниот и светскиот мир.
Пример за христијаните, Евреите и муслиманите
Да се прифаќаат меѓусебе како браќа, повикани се пред се христијаните, Евреите и муслиманите, кои почитуваат „Еден Бог“ и кои, иако на различни начини, му се обраќаат на Авраам како татко на верата – ова е охрабрување на папата Фрањо, кој го смета сведочењето на братството на верниците во монотеистичките религии многу неопходно и многу драгоцено во денешниот свет.
Ние, кои ја имаме дарот на оваа верска припадност, повикани сме да бидеме отворени и попустливи кон оние кои не ја делат, бидејќи тие, како и сите нас, се членови на истото човечко семејство.
Мора да се почитува слободата на совеста и верата
Во текстот на говорот, папата Фрањо, исто така, посочува дека искрениот и почитуван дијалог меѓу христијаните и муслиманите е должност за оние кои сакаат да бидат послушни на волјата Божја, кој сака неговите деца да се сакаат, да си помагаат и доколку има конфликт меѓу нив и дојде до некакви тешкотии или недоразбирања, да се договорат понизно и трпеливо. Но, дијалогот бара да се признаат достоинството и правата на секој човек – додава Папата – а меѓу нив, пред се, слободата на совеста и верата.
Покрај тоа, секој верник мора да се чувствува слободно да предлага – никогаш да ја наметнува – сопствена вера кон другите луѓе, без разлика дали се верници или не. Ова исклучува каква било форма на прозелитизам, сфатена како притисок или закана; мора да одбие какви било финансиски услуги или услуги за вработување; не смее да го искористи незнаењето на луѓето.
Дури и браковите меѓу луѓе од различна вероисповед не смеат да бидат можност брачниот другар да го преобрати во сопствената вера – додава на крајот папата Фрањо, кој на делегацијата од болоњската џамија и посакува добри односи со Католичката црква: со бискупот, со свештенството и верниците, во меѓусебно почитување и пријателство, и им се заблагодарува на муслиманските заедници, што се творци на мирот.
Ватикан њуз/к.мк