Папата: Посетата на постара личност е како средба со Исус, нè ослободува од рамнодушност и осаменост.

Објавена е Пораката на Лав XIV за V Светски ден на бабите и дедовците и старите лица, кој оваа година ќе се прослави на 27 јули. Папата ги повикува локалните цркви и црковните институции да започнат „револуција на грижа“, посетувајќи ги и грижејќи се за старите лица, кои се повикани, пак, да „сведочат за надежта“.
Секоја парохија, секое здружение, секоја црковна група е повикана да биде протагонист на „револуцијата“ на благодарност и грижа, што треба да се постигне преку чести посети на старите лица.
Папата Лав XIV, во својата Порака за V Светски ден на бабите и дедовците и старите лица, што ќе се одржи на 27 јули, ѝ ја доверува на Црквата задачата да изврши еден чин кој е, според критериумите на денешницата, „револуционерен и застарен“, бидејќи општествата сè повеќе тежнеат да ги „маргинализираат“ и „заборават“ постарите.
Посетата на старите лица е средба со Исус
Да ги сакаме, да бидеме блиску до нив, да ги посетуваме се гестови кои имаат ослободителна и искупителна вредност, како за оние кои ги посетуваат, така и за оние кои се посетени, наведува папата Лав XIV во својата порака, во кое ја повторува одлуката дека „оние кои не можат да дојдат во Рим оваа година на ходочестие“ ќе можат „да ја добијат Јубилеен опрост ако одвојат време и посетат постари лица кои живеат во осаменост, со што, всушност, ќе направат духовно поклонение кон Христос, присутен во нив.
Посетата на постара личност е начин да се сретнеме со Исус, кој нè ослободува од рамнодушност и осаменост.
Овој повик од Папата за „револуција на грижата“ ја остварува причината за постоењето на Светскиот ден на бабите и дедовците и старите лица, кој според намерите на папата Фрањо – кој силно сакаше да го воспостави во 2021 година – требаше да послужи токму како можност за „запознавање со оние кои се сами“.
Постари луѓе, протагонисти на спасението
Божјата логика во Библијата е целосно спротивна на маргинализацијата и занемарувањето што често ги трпат старите лица во нашите општества. „Светото Писмо“, потсетува Лав XIV, „претставува неколку случаи на мажи и жени кои веќе се во поодминати години, а кои Господ ги вклучува во своите планови за спасение“. Авраам и Сара, Захарија и Елисавета, Никодим, па дури и Мојсеј, „повикан да го ослободи својот народ кога имал осумдесет години“, се луѓе чија „визија за надеж за иднината“изгледала веќе затворена, а сепак „Господ ги вклучува во своите планови за спасение“, бидејќи, објаснува Папата, „во неговите очи, староста е време на благослов и благодат, а старите лица, за него, се првите сведоци на надежта“.
Всушност, животот на Црквата и на светот не може да се разбере само во постепеното преминување меѓу генерациите, а прегратката со постар човек нè учи дека историјата не завршува во сегашноста, ниту во површни односи, туку води кон иднината.
Кршливост и неискуство
Помладите генерации можат да имаат корист од оваа надеж да го изградат својот иден дом на карпа:
Ако е вистина дека кршливоста на старите лица бара сила од младите, подеднакво е вистина дека неискуството на младите бара сведоштво од старите лица за мудро планирање на иднината.
Повикани повторно да љубат
Но, старите лица не се само приматели на љубов и грижа. Ниту еден дел од човечкиот живот, колку и да е ослабен од напредната возраст, не е ослободен од должноста да љуби. Папата Лав, во врска со ова, ги цитира зборовите напишани од неговиот претходник Фрањо искажани за време на молитвата Ангел Господов на 16 март, за време на неговиот последен престој во болница: „Нашето тело е слабо, но ни тогаш ништо не нè спречува да љубиме, да се молиме, да се даруваме себеси, да бидеме еден за друг светли знаци на надежта. Имаме слобода што ниеден проблем не може да ни ја одземе: слободата да љубиме и да се молиме. Секогаш, и сите, можеме да љубиме и да се молиме.“
Надеж во Господа
„Токму како постари лица, да останеме истрајни и полни со доверба во Господа“, охрабрува Папата во заклучокот од својата порака.
„Да се обновуваме секојдневно преку средбата со Него – преку молитвата и светата Евхаристија. Со љубов да ја пренесуваме верата што сме ја живееле низ годините – во семејството и во секојдневните средби. Секогаш да Го славиме Бога за Неговата добрина, да го негуваме единството со своите ближни, да го отвориме срцето за оние што се далеку, особено кон оние во потреба.
Ватикан њуз/к.мк