Човечкото битие има потреба да биде безусловно сакано; кој нема да ја прими таа љубов во себе носи одредена неисполнетост.
Не може да се љуби само кога ни одговара – рече папата Фрањо во текот на Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар на 24 октомври 2018 година, во катехезата која ја посвети на шестата Божја заповед која се однесува на емоционалната и сексуалната димензија, а гласи: „Не греши блудно!“
Не може да се љуби само кога ни одговара; љубовта треба да се искажува над границите на сопствената корист, тогаш се дарува сѐ без резерва – рече Папата и продолжи: Како што стои во ККЦ: „Љубовта сака да биде неотповиклива. Не може да биде додека не дојдат „поинакви одредби“ (број 1646). Верноста е карактеристика на слободен, зрел, одговорен човечки однос. Па и пријателот се покажува вистински кога останува пријател во сите околности, инаку не е пријател. Христос ја објави вистинската љубов. Он Кој живее од неограничната љубов на Отецот, со таа сила е верен пријател кој нѐ прифаќа па и кога грешиме и секогаш ни сака добро, па и тогаш кога не заслужуваме.
Човечкото битие има потреба да биде безусловно сакано; кој нема да ја прими таа љубов во себе носи одредена неисполнетост, а често тоа и не го знае – рече Светиот Отец и објасни: Човечкото срце се обидува да ја исполни таа празнина со одредени замени, прифаќајќи компромиси и просечност кои се само блед вкус на љубовта. Опасно е да се наречат „љубов“ незрелите односи, залажувајќи се дека ќе најдеме светлина во животот во нешто што во најдобриот случај е само нејзин одраз.
Така на пример се случува да се прецени физичката привлечност која во себе е дар Божји, но целта ѝ е да го подготви патот за вистински и верен однос со личноста – рече папата Фрањо и потсети: Како што говорел светиот папа Иван Павле II, човечкото битие е повикано на полна и зрела спонтаност на односот кој е плод на постепено размислување за поттикот на сопственото срце. Тоа е нешто што се усвојува од моментот кога секое човечко битие мора истрајно и доследно да учи кое е значењето на телото.
Повикот на брак бара внимателно распознавање на квалитетот на односот и времето на свршувачката за негова проверка – рече Папата и додаде: За да пристапат на светата Тајна Брак во свршениците мора да созрее сигурноста дека во нивната врска присутна е раката Божја која ги води и придружува која ќе им помогне да можат да кажат: „Со милоста Христова ветувам дека ќе ти бидам верен засекогаш.“
Не можам да си ветам верност „во радости и во таги, во здравје и болести“ и дека ќе те сакам и почитувам секој ден од својот живот, само врз основа на добрата волја или надежта дека работите ќе функционираат – рече Светиот Отец. Заради тоа пред да се прими светата Тајна Брак потребна е грижлива подготовка, би кажал катеhуменат затоа што се работи за љубов за цел живот, а со љубовта нема шега.
Подготовката за Брак не може да се сведи на три или четири предавања кои се одржуваат во парохијата; тоа не е подготовка, таа е привидна подготвка – предупреди папата Фрањо и потврди: Одговорен е оној кој така прави: парохот или епископот кој дозволува. Подготовката мора да биде зрела, а за тоа е потребно време. Тоа не е само формален чин, тоа е света Тајна за која треба да се подготвиш со вистински катеhуменат.
Имено, верноста е начин на живот. Работиме посветено, зборуваме искрено, живееме верни на вистината во своите мисли и дела. Животот исткаен од верност се изразува во сите димензии и ни помага да бидеме мажи и жени верни и доверливи во сите околности. Но за да дојдеме до таков убав живот, не е доволна само нашата човечка природа; Божјата верност треба да влезе во нашиот живот и да нѐ зарази.
Шестата Божја заповед е повик да го свртиме погледот кон Христос кој со својата верност може од нас да го отстрани срцето прељубничко и да ни дарува верно срце. Во Него, само во Него е љубовта без резерва и размислувања, потполно дарување без загради и постојано прифаќање до крај. Од Неговата смрт и воскресение произлегува нашата верност, од Неговата безусловна љубов произлегува постојаноста на нашите односи. Од заедништвото со Него, Отецот и Светиот Дух доаѓа до заедништво меѓу нас и способноста за живеење во верност на обврските – заврши Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк