Папата повикува да се обноват преговори за праведен мир на Блискиот Исток

Папата повикува да се обноват преговори за праведен мир на Блискиот Исток

За време на обраќањето Ангел Господов во Кастел Гандолфо, папата Лав XIV апелира за крај на насилството во Светата Земја и на Блискиот Исток, повикувајќи на дијалог, дипломатија и молитви за мир.

Папата Лав XIV во недела, 26 јули 2026 година, ги обнови своите итни апели за мир во Светата Земја и низ целиот Блиски Исток за време на неговото обраќање по за време на молитвата Ангел Господов во Кастел Гандолфо, изразувајќи загриженост поради ескалацијата на насилството и повикувајќи на итно враќање на дијалогот.

Загриженост за цивилите на Западниот Брег и Газа

„Со голема загриженост продолжувам да го следам континуираното и зголемено насилство во Светата Земја“, рече Папата, истакнувајќи дека „многу цивили неодамна станаа жртви, како на Западниот Брег, така и во Газа“.

Тој повика на „враќање на преговорите насочени кон постигнување праведно политичко решение, засновано врз еднаквото достоинство и еднаквите права на секој човек, и на отфрлање на понатамошни воени дејствија и еднострани одлуки, особено оние што го нарушуваат почитувањето и статусот кво на светите места на секоја верска заедница“.

Апел за дипломатија

Папата Лав, исто така, го повтори својот апел во врска со ситуацијата на Блискиот Исток, каде што, како што рече, „интензивирањето на воените операции повторно донесе насилство и уништување, ставајќи ги животите на безброј цивили во сериозна опасност и влошувајќи го недостигот на вода за пиење и електрична енергија“.

„Ги повикувам сите вклучени страни да ги прекинат нападите и итно да ги отворат повторно патиштата за дијалог и дипломатија, за да може мирот, толку посакуван од целиот регион, да се постигне без одлагање“, рече папата Лав.

Молитви за луѓето ширум светот погодени од војната

Папата Лав XIV ги охрабри сите да продолжат да се молат за сите народи во целиот свет кои страдаат поради војната.

„Нека Господ ги допре срцата и ги просветли умовите на оние на одговорни позиции, за наскоро да преовладаат помирувањето и мирот“, рече тој.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот