Секретаријатот на Синодата најави подготвителна средба за континенталните собранија

Секретаријатот на Синодата најави подготвителна средба за континенталните собранија

Во Католичката црква и во иднина ќе продолжат заедничките советувања за раководење на повеќе нивоа. Тоа произлегува од соопштението што го објави Секретаријатот на Епископската синода, кој заседаваше во средината на април.

Според соопштението, на средбата што ќе се одржи во Ватикан од 23 до 25 јуни ќе бидат утврдени чекорите за спроведување на синодалните заклучоци од 2024 година на континентално ниво. Тоа спроведување, како и неговото оценување, треба да бидат завршени до пролетта 2028 година. Во октомври 2028 година во Рим е предвидено и пленарно собрание.

На подготвителната средба кон крајот на јуни треба да учествуваат раководствата на континенталните бискупски совети, како што се CELAM за Латинска Америка, CCEE за Европа и SECAM за Африка, како и патријарсите на католичките источни Цркви. Претставници ќе има и од бискупските конференции на Соединетите Американски Држави и на Канада.

Во соопштението се наведува дека на еден од деновите на советувањата ќе учествува и папата Лав XIV. Секретаријатот најави дека на почетокот на летото ќе објави и прецизен временски распоред за наредните чекори на синодалните собранија на континентално и на светско ниво.

Претседателите на сите бискупски конференции во Рим

Објавени се и нови детали за планираната средба посветена на десетгодишнината од Апостолскиот поттик Amoris laetitia на папата Фрањо, објавен пред десет години. Според тие информации, од 7 до 14 октомври во Рим ќе заседаваат претседателите на сите бискупски конференции.

На барање на папата Лав XIV, тие ќе разговараат за овој документ, кој во почетокот предизвика полемики во Црквата, како и за неговата примена во пасторалната грижа за повторно венчаните разведени лица.

Во соопштението се појаснува дека ова октомвриско собрание на претседателите на бискупските конференции ќе го организира ватиканската Дикастерија за мирјани и семејството, со поддршка од Секретаријатот на Синодата. Притоа се нагласува дека нема да станува збор за синодално собрание, туку за советодавна средба на претседателите на бискупските конференции со Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот