Папата Фрањо по молитвата Ангел Господов уште еднаш неговите мисли ги посвети на Украина, на таа напатена земја која живее во војна повеќе од една година. Тој потсети и на собирањето милостиња што денеска се одржува во сите италијански цркви за населението на Сирија и Турција погодени од земјотресот и изрази солидарност со американската држава Мисисипи, која беше опустошена од неколку торнада.
По молитвата Ангел Господов во недела 26 март 2023 година, Папата повторно ги насочи своите мисли кон напатената Украина, не заборавајќи, меѓутоа, на населението на Сирија и Турција, кои се уште се борат со последиците од трагичниот земјотрес што ги погоди тие земји на 6 февруари.
Преобраќање на срцата за мир
Осврнувајќи се на празникот Благовештение, Папата истакна дека само преобраќањето може да доведе до мир, а во исто време уште еднаш поттикна на молитва за Украина.
Повик до верниците да се приклучат на колектата за Сирија и Турција
Во мислите на Папата е и населението на Сирија и Турција, погодени од земјотресот. Да продолжиме да бидеме блиски со погодените од земјотресот во Турција и Сирија. За нив е наменета специјална колекта, која денеска се одржува во сите парохии во Италија.
Во подрачјата погодени од земјотресот сѐ уште се регистрираат последователни потреси, а стотици илјади луѓе сѐ уште се погодени од хуманитарната криза. Според извештаите на меѓународната организација Save the Children, на почетокот на Рамазан, на раселените семејства итно им е потребна храна, вода, санитарни услови и здравствена заштита. Во разорниот земјотрес загинаа најмалку 52.000 луѓе, а раселени се 2,7 милиони луѓе кои сега живеат во шатори или други привремени населби. Дополнително, во две турски провинции погодени од земјотресот, минатата недела се случија силни поплави во кои загинаа најмалку 19 лица, со што уште повеќе е отежнато враќањето во нормален живот.
Во мислите на Папата се и Перу и Мисисипи
На крајот од својот говор, пред да ги поздрави верниците собрани на плоштадот Свети Петар, папата Фрањо поттикна на молитва за населението во американската држава Мисисипи, кое беше погодено од разорно торнадо, а ја спомена и загрижувачката состојба во Перу. Ги поздравувам перуанските ходочасници, обновувајќи ги молитвите за мир и помирување во Перу. Мора да молиме за Перу, кој толку многу страда – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк