Папата повика на молитва за Апостолското патување во Африка
Overview
- Type: Апостолско патување, Африка, ДР Конго, Јужен Судан, папа Фрањо
Два дена пред патувањето во Демократска Република Конго и Јужен Судан, Папата им се заблагодари на сите кои работат на подготовката на тоа долго посакувано патување и истакна дека таму ќе појде како ходочасник на мирот и помирувањето.
По молитвата Ангел Господов, во недела 29 јануари 2023 годиина, папата Фрањо спомена две земји измачени од долги конфликти – Демократска Република Конго и Јужен Судан, кои ќе ги посети од 31 јануари до 5 февруари во рамки на неговото 40. Апостолско патување.
Демократска Република Конго страда, посебно на истокот на земјата, од вооружени конфликти и експлоатација; додека Јужен Судан, измачуван од повеќегодишна војна, едвај чека да заврши постојаното насилство кое принуди многу луѓе да живеат раселени и во тешки услови.
Екуменска важност на посетата
Потоа ја објасни екуменската природа на ова ходочастие. Имено, во Јужен Судан ќе пристигне заедно со надбискупот од Кентербери и модераторот на Генералното собрание на црквата на Шкотска. Така заедно, како браќа, ќе го доживееме екуменското ходочастие на мирот.
Страв од голема дестабилизација во Источна Африка
Меѓусебните обвинувања меѓу Демократска Република Конго и Руанда за поддршка на одредени бунтовнички групи ја вжештуваат политичката и општествената клима. Во прашање е рудното богатство на тој простор. Меѓународната заедница стравува дека конфликтот може да се прошири со дестабилизирачки последици за целиот источноафрикански регион.
Црквите во Јужен Судан и градење мир
Во Јужен Судан, припадноста на различни верски заедници е обединувачки фактор на општественото ткиво и живот, во контекст на измачувачките и уништувачки децениски граѓански војни. Како што истакнува агенцијата Fides, тие исто така одиграа улога во надминувањето на оддалеченоста и етничките антагонизми кои ги поттикнуваат конфликтите. Токму преку овој канал низ годините се правеа обиди да се поттикнат мировните преговори.
Ватикан њуз/к.мк