Папата: Патријархот Илија II ја придружуваше Грузија низ тешки времиња

Папата: Патријархот Илија II ја придружуваше Грузија низ тешки времиња

Во порака прочитана на погребот на католикос-патријархот на Грузија, папата Лав XIV го опишува покојниот како „глас на помирување“ и „неуморен градител на единството“. Папата се присетува и на неговата љубов кон музиката, која ја нарекува „вдахновение за потрагата по убавината“ што ги зближува Црквите.

На 17 март почина поглаварот на Грузиската православна црква, католикос-патријархот на цела Грузија, Неговата Светост и Блаженство Илија II, откако претходно истиот ден беше хоспитализиран.

За време на погребот на покојниот патријарх, кардиналот Курт Кох, префект на Дикастеријата за промовирање на единството меѓу христијаните, прочита порака од папата Лав XIV, упатена до Неговото Високопреосвештенство Шио, митрополит на Сенки и Чхорецку, Locum Tenens на Патријаршискиот престол, и до Светиот синод на Православната црква во Грузија.

„Испраќајќи Ви изрази на моето искрено сочувство, Ве уверувам Вас, Светиот синод и целата Православна црква во Грузија во мојата братска солидарност во вашата жалост“, пишува Папата. Тој додава дека се соединува со нив во молитвата и споменот на патријархот, кој служеше како архиепископ на Мцхета-Тбилиси и митрополит на Абхазија и Бичвинта.

Предан сведок на верата

Во пораката, Светиот Отец се осврнува на долгиот живот на патријархот Илија II (1933–2026), опишувајќи го како „предан сведок на верата во Воскреснатиот Христос“. Неговата служба, вели Папата, го придружуваше грузискиот народ „низ тешки времиња и големи епохални промени, со љубов чувајќи ја традицијата и отворајќи ги срцата и заедниците за надеж“ – вклучително и во периодот на грузиската граѓанска војна (1991–1993).

Папата Лав ја истакна и посебна љубов и страст на католикос-патријархот кон музиката. Таа, нагласува, „го поттикнува стремежот кон убавината Божја и може да ги обединува народите, приближувајќи ги Црквите, дури и преку културни и богословски разлики“.

Во текот на својата 49-годишна служба (1977–2026), патријархот Илија II за многумина беше „духовен татко, глас на помирувањето и неуморен градител на единството“. Тој се сретна и со двајца претходници на папата Лав: папата свети Иван Павле II и папата Фрањо.

Во 1999 година, полскиот Папа и патријархот упатија итен повик за мир во светот за време на апостолското патување на Иван Павле II во Грузија. Седумнаесет години подоцна, во октомври 2016 година, папата Фрањо го посети Тбилиси и се сретна со патријархот Илија II.

Да не се предаваме на очај

Предавајќи го патријархот во Божјите раце, папата Лав се повикува на зборовите на свети Павле, кои потсетуваат дека Христовото воскресение е темел на христијанската вера и на нашата надеж. Затоа, вели Папата, „соочени со смртта на Пастирот, нашите срца да не ѝ се предаваат на безнадежноста“. Напротив, да се потпираат на сигурноста дека животот не е одземен, туку преобразен во нешто ново.

На крајот, папата Лав ја изразува својата братска близина до Неговото Високопреосвештенство Шио, кој го носи „товарот на службата како Locum Tenens. Папата го уверува во своите молитви „за да можете да ја придружувате Православната црква во Грузија со истата пастирска љубов што го оживотворуваше покојниот Патријарх“.

Папата ја моли Мајката Божја да го штити Неговото Високопреосвештенство Шио, Светиот синод и целиот грузиски народ.

Грузиската православна црква

Грузиската православна црква е дел од Источната православна црква и има длабоки историски врски и културно значење во Грузија. Со повеќе од 3 милиони верници, таа е најголемата христијанска заедница во земјата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот