Примајќи ги во аудиенција членовите на Консулативниот совет на Витешкиот ред на Божјиот гроб, папата Фрањо ја спомна драматичната состојба на христијаните кои сѐ повеќе се прогонуваат и убиваат. Маченици има – истакна Папата – и во демократските земји кои ја ограничуваат верската слобода.
Продолжете да ја сведочите добрината со која Бог ги љуби сите луѓе, и да им помагате на прогонетите христијани кои се сѐ повеќе и за кои освен мачеништвото во крв постои и „бело мачеништво“ како она кое се утврдува во демократските земји кога се ограничува верската слобода – истакна папата Фрањо зборувајќи на членовите на Консулативниот совет на Витешкиот ред на Божјиот гроб кои ги прими во аудиенција на 16 ноември 2018 година.
Благодарност за помошта на луѓето во Светата Земја
На членовите на тој витешки ред кои се собраа во Рим на редовно советување кое се одржува на секои пет години, Папата пред сè им се заблагодари за различните духовни и каритативни активности кои се вршат во корист на населението во Светата Земја. Овде сте дома – додаде Папата– како многу стара папска институција ставена под заштитата на Светиот Престол. Од последното советување одржано во 2013 година бројот на членовите на редот е зголемен но исто така и географската распространетост и материјалната помош на Црквата во Светата Земја.
Училиштата и болниците отворени за сите
Се ангажиравте со Латинскиот патријарх во соочувањето со кризата поврзана со бегалците која во последните пет години ја поттикна Црквата да даде значајни одговори на хуманитарен план на целото тоа подрачје – рече Светиот Отец и додаде: И убав знак е што училиштата и болниците на Витезите на Светиот гроб се отворени за сите луѓе без разлика на која заедница припаѓаат и која вера ја исповедаат.
На тој начин придонесувате за познавањето на христијанските вредности, промовирањето на меѓурелигискиот дијалог и взаемното почитување и разбирање. Со други зборови со своето за пофалба ангажирање и вие го давате својот придонес за градење на патот кој како што се надеваме ќе доведе до постигнување на мирот во целиот регион. (…)
Што се однесува до нивното послание во светот, Папата предупреди да не заборават дека не се некое филантропска организација ангажирано во промовирањето на материјалното и општественото подобрување на примателот. Повикани сте да ја ставите евангелската љубов кон ближниот во центарот и како крајна цел на своето делување, за насекаде да ја сведочите љубовта и грижата со која Бог си сака сите луѓе – истакна Папата.
„Белото мачеништво“ на Црквата во демократските земји
Имено задачата на епископите, свештениците и ѓаконите примени во редот е да ги придружуваат витезите со заедничката и литургиската молитва и со катехеза – рече Светиот Отец и ја спомна драмата со прогонетите христијани. Пред целиот свет – кој премногу често го свртува погледот на другата страна – се наоѓа драматичната состојба на христијаните кои се прогонети и се убиваат во сѐ поголем број. Освен нивното мачеништво во крв постои и „бело мачеништво“ како што е на пример она кое се утврдува во демократските земји кога се ограничува верската слобода. Тоа е секојдневното бело мачеништво на Црквата на тие места – истакна папата Фрањо.
Икона Пресвета Богородица од прогонетите христијани
На крајот Папата ги поттикна витезите давањето материјална помош секогаш да го поврзуваат со молитвата и постојано да ја молат Пресвета Богородица која тие ја чествуваат како Пресвета Богородица од Палестина. Притоа се осврна и на благословот на иконата Пресвета Богородица од прогонетите христијани која витезите ќе ја понесат во сите намесништва, посакувајќи да ги придружува на нивниот пат. Во завршната молитва Папата од Мајка Божја молеше посебна грижа за Црквата во Светата Земја и воопшто на Блискиот Исток, со нејзино посебено застапништво за оние чиј живот и слобода се во опасност.
Ватикан њуз/к.мк