Папата одржа прес-конференција во авионот на враќање од Колумбија

Папата одржа прес-конференција во авионот на враќање од Колумбија

На враќање од апостолската посета на Колумбија, папата Фрањо во авионот одржа конференција за печат, одговарајќи притоа на голем број прашања на новинарите, вклучувајќи ги и тие за климатските промени, корупцијата, миграцијата и моменталната криза во Венецуела.

Првите прашања му ги поставија новинарите од Колумбија за завршената посета на таа земја. На прашањето кои конкретни чекори Колумбија може да ги преземе за да ги надмине поделбите и омразата кои ги предзвика деценискиот конфликт, Светиот Отец одговори дека би сакал населението на таа земја како мото да го земе „Да го направиме вториот чекор“, а што упатува на мотото за посетата на Папата „Да го направиме првиот чекор“. „Гревовите“ кои се случиле во текот на годините на конфликтот доведоа до болест на душата – но таа болест не е грев. „Грдите гревови“ ја предизвикаа таа болест на омраза. Но, Папата рече дека исто така се направени чекори на надеж, чекори кон мирот. Папата Фрањо исто така истакна дека мировниот процес може да напредува единствено ако народот го „земе мирот“ во свои раце.

На Папата му поставија прашање за корупцијата која за земјата може да биде поразорна од отвореното насилство. Светиот Отец рече дека повеќе пати ги допрел тие теми. Бог никогаш не се изморува да ги простува гревовите, но корупцијата е грев со една посебност: корумпираниот човек се изморува да бара прошка, па дури и заборава како да побара прошка. Корумпираниот човек не е способен да побара прошка – рече папата Фрањо и од таа причина, многу тешко е да му се помогне на некој кој е корумпиран. Но – истакна – за Бог тоа е можно. Да се молиме за тоа.

Светиот Отец одговораше и на прашања за климатските промени, посебно во поглед на политичарите и оние кои одбиваат да соработуваат со другите земји, бидејќи негираат дека климатските промени ги предизвикуваат луѓето. Папата Фрањо одговори дека таквите луѓе мора да одат кај научниците кои зборуваат јасно и прецизно. Изрази загриженост заради можните последици ако не го промениме нашиот начин на живот. Понатаму истакна дека сите ние, а не само политичарите, имаме обврска да одговориме на еден многу сериозен проблем за климатските промени. Ако некој се сомнева дека луѓето ги предизвикуваат климатските промени, тогаш треба да отиде кај научниците и потоа да донесе одлука. Историјата ќе ги суди тие одлуки – истакна Папата.

Коментирајќи ја одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за укинување на програмата за децата мигранти позната под името DACA (анг. Deferred Action for Childhood Arrivals), а која ја донесе администрацијата на Обама, Светиот Отец истакна дека не ја прочитал доволно за да изрази мислење. Сепак рече да се одвојуваат младите луѓе од нивните семејства не е добро ниту за младите, нити за семејството. Папата рече дека политиката ја изработила извршната гранка на власта, а не законодавната, и нагласи дека постои надеж таа одново да се разгледа. Претседателот Трамп е поборник за животот, а ако е добар поборник за животот, тогаш разбира дека семејството е колевката на животот, и дека тој мора да го брани единството на (семејството) – рече папата Фрањо. Зборуваше и за потребата младите луѓе да имаат корени рече дека во повеќе наврати ја истакнува важноста на дијалогот помеѓу младите и старите. Младите луѓе мора повторно да ги пронајдат своите корени, а она што е против корените, им ја одзема надежта.

Новинарите го потсетија дека новата американска политика би можела да значи депортирање на млади луѓе од САД. Папата Фрањо коментираше дека тоа би значело загуба на корените, а тоа претставува проблем. Но, инсистираше на тоа дека не сака да го изрази своето мислење, бидејќи не коментира прашања кои не ги проучил.

Светиот Отец ги спомна и сите оние кои стрдаат заради последиците од земјотресот кој минатата недела го погоди Мексико, како и оние кои страдаат заради последиците на ураганот Ирма и повика на молитва за сите погодени.

Новинарите потоа на Папата му поставија прашања за миграциската политика во Италија, а тој ја искористи таа прилика за да ја изрази својата благодарност на Италија и Грција, земји кои ги отворија срцата за бегалците и мигрантите. Но, истакна дека тоа не е доволно. Бог ни заповеда да ги прифаќаме мигрантите, но владите на државите имаат одговорност „претпазливо“ да се соочат со прашањето за миграција. Мигрантите мора не само да се пречекаат, туку и интегрираат. Укажа и на тоа дека земјите можат да примат само одреден број мигранти пред да дојде до опасноста од  не-интеграција. Зборуваше исто така за хуманитарните проблеми кои се поврзуваат со масовната миграција како и за потребата од решавање на главните причини за бегалската криза.

Конечно, Светиот Отец кратко ја коментираше ситуацијата во Венецуела. Верувам дека Светиот Престол силно и јасно зборуваше за таа криза – рече папата Фрањо. Проблемот е исклучително тежок – продолжи – така што најголемата грижа е хуманитарната криза за која треба да помогнеме за да се реши.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот