Папата: Не ги обесхрабрувајте стремежите на младите

По повод двестогодишнината од раѓањето на свети Иван Боско (познат како Дон Боско) Папата Фрањо испрати благодарно писмо до главниот настојател на отците Салезијанци, дон Анхел Фернандез Артиме во кое ги истакнува главните аспекти од духовното и пасторалното наследство на светителот.

Дон Боско е канонизиран во 1934 година, а во 1988 година папата Иван Павле II го прогласува за Отец и Заштитник на младите.

„Дон Боско нè учи пред се да не бидеме гледачи, туку да застанеме на предната линија и да им понудиме на младите комплетно воспитување“, пишува папата Фрањо во писмото. Папата нагласува дека во Италија и Европа многу работи се сменија во последните два века, но не и младинската душа, зашто и денес момчињата и девојчињата се отворени за средба со Бог и со ближните“. Истовремено не крие дека има и многу млади кои се загрозени од „ духовна анемија и маргинализација“

„Во својата дејност на морално, граѓанско и културно воспитување на младите, Дон Боско работеше за доброто на луѓето и граѓанското општество, според еден план кој ги обединува заедно радоста, учењето, молитвата, работата, религијата и добродетелите – пишува Папата. Интегрален дел од овој пат е усовршувањето на звањето, за да може секој да ја преземе во Црквата онаа специфична форма на живот за која Господ го повикува. Оваа широка педагошка визија денес може да се изрази со формулата „воспитување преку евангелизација“ и „евангелизација преку воспитување“.

Папата Фрањо во писмото ги резимира исто така и главните аспекти од личноста на Дон Боско: „Неговиот живот беше една целосна посветеност на Бог со стремежот за спасение на душите, обединувајќи ги во едно љубовта кон Бог и кон младите. Овој став е во основата на неговото „излегување“ и носење на храбри одлуки: изборот да се посвети на сиромашните млади, со намера да оствари широко движење на сиромашните за сиромашните; изборот да се прошири ова дело надвор од границите на јазик, раса, култура и религија, благодарение на неговиот непресушен мисионерски импулс“.

„Дон Боско да ви помогне да не се обесхрабрите од големите копнежи на младите: потребата од живот, отвореност, радост, слобода и иднина; желбата да соработуваат за градењето на еден поправеден и братски свет, за развојот на народите, за заштита на природата и виталните области “.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот