Папата на Цветници: Исусовата љубов може да ги претвори нашите камени срца во срца од месо
Папата Фрањо ја предводеше свечената Литургија во неделата на Маката Господова – Цветници на плоштадот Свети Петар во Ватикан и размислуваше за верата што Исус ја положи во Бога, напуштајќи се себеси во моментот на болка бидејќи знаеше дека Божјиот наум ќе го спаси
Папата Фрањо во недела 2 април 2023 година ја предводеше свечена Литургија во неделата на Маката Господова – Цветници и тоа е негово прво појавување во јавноста откако беше отпуштен од римската болница „Агостино Гемели“ во сабота на 1 април. Се проценува дека околу шеесет илјади верници учествуваа на светата Литургија, која заврши со молитвата Ангел на плоштадот Свети Петар.
Во својата проповед по читањето на Маката Господова, Римскиот бискуп се осврна на Христовиот крик од Крстот: Боже мој, Боже мој, зошто ме остави? Тоа се зборови кои нè водат до центарот на Христовите страдања, до врвот на страдањата што ги претрпе за да не спаси , рече папата Фрањо, истакнувајќи дека тоа се единствените зборови од Крстот за кои се зборува во Евангелието според Матеј.
Страдањето на Исус
Светиот Отец рече дека Исус претрпел многу страдања и дека секогаш кога го слушаме извештајот за Страдањата ни ги прободува срцата. Папата Фрањо објасни дека тоа беа телесни страдања, но и страдања на душата и духот, но дека во сите овие таги Исус остана сигурен во едно: близината на Отецот.
Страдањето на духот, продолжи Римскиот епископ, се одразува во извикот на Исус: Боже мој, Боже мој, зошто ме остави? тоа е најлошо од сите страдања, бидејќи во својот најтрагичен момент Исус доживува напуштеност од својот Отец, напуштеност од Бога, додавајќи дека пред тој момент никогаш не го нарекувал Отецот со неговото општо име, Бог.
За сѐ има причина
Папата Фрањо потоа објасни дека чувството на таа оддалеченост од Бога е сосема туѓо чувство за битието на Исус; единствената причина е што тоа го направи од љубов кон нас. Напуштеноста е цената што Исус ја плати за нас. Беше солидарен со секој од нас до крај, да биде со нас сѐ до крај. Искуси за да не нѐ остави заложници на очајот и да биде засекогаш со нас.
Светиот Отец ги замоли присутните верници да се сетат дека Господ нѐ спасува на овој начин и потсети дека Исус на крстот, иако се чувствувал целосно напуштен, не сакал да попушти во очај, туку се молел и верувал, се препорачал самиот себе во рацете на Отецот, дури и кога се чувствува далеку или не го чувствува неговото присуство затоа што се чувствува напуштен.
Исусовата љубов
Браќа и сестри, сета таа љубов кон нас во која Исус нè сакаше до крај може да ги претвори нашите камени срца во срца од месо и да ги направи способни за милосрдие, нежност и сочувство, продолжи папата Фрањо. Тој објасни дека напуштениот Христос нè поттикнува да го бараме и сакаме во напуштените. Затоа што тие не се само оние кои имаат потреба, туку и Тој, напуштениот Исус, Оној што нè спаси спуштајќи се во длабочините на нашата човечка состојба.
Папата денеска се сети на сите напуштени луѓе во нашата близина, посебно истакнувајќи го германскиот бездомник Буркхард Шефлер кој почина во ноември 2022 година под колонадата на плоштадот Свети Петар. На толку многу луѓе им треба нашата близина, толку многу се напуштени, тоа се денешните христијани, додаде тој. Напуштениот Исус бара од нас да имаме очи и срце за напуштените. И како што на сите ни е потребна Исусовата близина во нашите животи, мора да излеземе и да го најдеме Исус во напуштените, оние што се сами.
Завршувајќи ја својата проповед, Папата ги замоли присутните да запомнат дека отфрлените и исклучените се жива слика Христова: тие нè потсетуваат на неговата бескрајна љубов, неговата напуштеност кое нè спасува од секој облик на осаменост и очај.
Денес, заврши Папата, да се молиме за оваа благодат: Да го сакаме Исус во неговата напуштеност и да го сакаме Исус во напуштените насекаде околу нас. Само тогаш нашите желби и чувства ќе бидат желби и чувства на Оној што се понизи за нас. Целосно се понизи за нас.
Ватикан њуз/к.мк