Папата на Света Литургија за грижата за созданието: Еколошката криза бара контемплативен поглед

Папата на Света Литургија за грижата за созданието: Еколошката криза бара контемплативен поглед

Папата Лав XIV, на 9 јули 2025 година, ја предводеше првата света Литургија посветена на Грижата за созданието, според новата формулација од Римскиот мисал, во селото Лаудато Си’ во Кастел Гандолфо, и ги повика христијаните да ја прифатат својата мисија – да носат мир и помирување во светот и во целото создание.

Првата Литургија за грижата за созданието

Неколку дена по започнувањето на летниот одмор во Кастел Гандолфо, папата Лав XIV ја служеше првата света Литургија за Грижата за созданието – нова литургиска формулација во Римскиот мисал.

Литургијата се одржа во селото Лаудато Си’ – едукативен центар сместен во папската летна резиденција во близина на Рим – а присуствуваше и персоналот на центарот.

На почетокот од проповедта, Светиот Отец истакна дека Литургијата се служи опкружена со убавина, во нешто што наликува на „природна катедрала“.

Тој забележа дека распоредот на селото Лаудато Си’, со олтар напред и базен со вода во близина, потсетува на древните христијански цркви во кои крстилницата се поставувала веднаш до влезот – како симбол дека христијанинот поминал низ водата за очистување од гревовите и слабостите.

Човечкото однесување и природните катастрофи

Папата Лав изрази жалење поради многуте природни катастрофи што ги погодуваат луѓето ширум светот, кои, како што рече, „често се – барем делумно – предизвикани од човечки испади и начинот на живот.“

„Треба да се молиме и за преобраќање на многумина, и внатре и надвор од Црквата, кои сè уште не ја препознаваат итноста од грижата за нашиот заеднички дом“, додаде тој.

На светата Литургија сослужуваше кардинал Мајкл Черни, префект на Дикастеријата за промоција на целосен човечки развој.

Надеж во Исус – Оној што ја смирува бурата

Обраќајќи се од подготовениот текст од проповедта, папата Лав XIV забележа дека мирната атмосфера во селото Лаудато Си’ е во контраст со глобалното затоплување и вооружените конфликти што го потресуваат светот.

„И покрај тоа, во срцето на Јубилејот ја исповедаме надежта“, рече тој. „Ја сретнавме во Исус, Спасителот на светот. Тој и денес, суверено, ја смирува бурата.“

Размислувајќи за настанот кога Исус ја смирува бурата на морето, Папата рече дека Христовите параболи за Божјото Царство често го одразуваат ритамот на животот и годишните времиња, вкоренети во природата.

Во моментот кога го прекорува ветрот и морето, Исус ја открива својата власт на живот и спасение – сила што стои над сите сили пред кои созданието останува немоќно.

Повик на христијаните: грижа, мир и помирување

Папата Лав рече дека нашата мисија како христијани е да се грижиме за созданието, кое ни е доверена од Господ, за да донесеме мир и помирување во овој ранет свет.

„Го слушаме крикот на земјата и на сиромашните“, рече тој, „зашто тој крик допира до срцето на Бога. Нашата огорченост е Негова огорченост; нашето дело е Негово дело.“

Затоа Црквата е повикана да ја говори вистината пред народите – за злото да се преобрази во добро, неправдата во правда, алчноста во заедништво – зашто Црквата сведочи за „неуништливиот завет меѓу Создателот и созданието“.

Контемплативен поглед и преобразба

Папата се присети на свети Фрањо Асишки, кој силно ја чувствувал Божјата љубов кон целото создание, љубов што му дарува живот на сè што постои.

„Само контемплативниот поглед може да го преобрази нашиот однос со созданието и да нè изведе од еколошката криза што произлегува од прекинатите односи – со Бог, со ближниот и со земјата – последица на гревот“, рече Папата.

Папата Лав XIV истакна дека неговиот претходник, папата Фрањо, сакал селото Лаудато Си’ да биде „лабораторија“ за живеење во хармонија со созданието, и простор за пронаоѓање нови начини на негово зачувување.

Завршна мисла

На крајот, Папата ги повика христијаните да ширaт хармонија низ светот, вдахновувајќи се од свети Августин:

„О, Господи, делата Твои Те фалат за да Те љубиме; а Те љубиме за делата Твои да Те фалат.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот