Папата Фрањо во четврток 26 декември, на празникот Свети Стефан Првомаченик, ја предводеше молитвата Ангел Господов со ходочасниците собрани на плоштадот Свети Петар во Ватикан
Празникот на Свети Стефан првомаченик како да не се вклопува во божиќното радосно расположение, рече Светиот Отец. Објасни потоа дека од перспектива на верата токму денешниот празник е во согласност со вистинското значење на Божиќ, затоа што со мачеништвото свети Стефан со љубов ја совлада омразата, со животот смртта.
Овој млад човек полн со Дух Свети,знаеше со убави зборови да зборува за животот на Исус, а посебно со животот. Во училиштето на свети Стефан, учиме дека небесната вечна слава не е создадена од богатство и моќ, туку од љубов и дарување. Со милоста на Светиот Дух можеме да го направиме сè она човечко што е насочено кон небото. Вистинското сведочење е токму нашиот начин на човечкото однесување во животот обликуван според животот на Исус Христос: да бидеш смирен и одважен, понизен и племенит, ненасилен и цврст како што бил ѓаконот Стефан. Тој нè учи да го навестуваме Христос со братски гестови и евангелска љубов.
Неговото сведоштво, кое заврши со мачеништво, е извор на вдахновение за обнова на нашите христијански заедници, кои се повикани да станат повеќе мисионерски, насочени кон евангелизација на луѓето на егзистенцијалните географски периферии, каде постои голема жед за надеж и спасение, истакна Папата и забележа дека тоа се заедници кои не ја следат мондената логика и не се ставаат во центарот себе самите и сопствената слика, туку единствено славата Божја и доброто на другите посебно малите и бедните.
Празникот светиот Стефан Првомаченик нè потсетува на сите маченици од минатото и сегашноста, и ни овозможува да се чуствуваме во нивното заедништво и да молиме за нивната милост, да живееме и да умреме со Исусовото име во срцето и на усните,го заврши Папата празничниот говор и повика помош од Марија Мајката на Спасителот, да ни помогне во оваа божиќно време да го свртиме погледот на Исус за секој ден да стануваме уште повеќе слични на Него.
Ватикан њуз/к.мк