Папата на молитвата Ангел Господов: Бог е љубов

Во недела 15 јуни на плоштадот Свети Петар пред молитвата Ангел Господов Светио Отец говореше за празникот на Пресветата Троица.

Драги браќа и сестри, добар ден!

Денес го славиме празникот Пресветaта Троица, во кој размислуваме и се поклонуваме на божествениот живот на Отецот и Синот и Светиот Дух: тоа е живот на длабоко заедништво и совршена љубов, извор и цел на целиот создаден свет – Бог. Во Пресветата Троица ја препознаваме истотака сликата на Црквата во која сме повикани да се љубиме како што Исус нѐ љуби. Љубовта е конкретен знак кој ја покажува верата во Бог Отецот, Синот и Светиот Дух. Љубовта е препознатливо обележје на христијаните, како што Исус ни рече: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Ив 13,35). Контрадикторно е христијаните едни со други да се мразат. Тоа е противречност! А тоа е она што ѓаволот секогаш го бара: да постигне едни со други да се мразиме, бидејќи тој секогаш го сее каколот на омразата; тој не познава љубов: љубовта е од Бог.

Сите сме повикани да ја сведочиме и да ја навестуваме пораката дека „Бог е љубов“, дека Бог не е далечен или бесчувствителен на она низ што поминуваме во својот човечки живот. Тој е блиску, тој е секогаш со нас, чекори со нас за да ја дели нашата радост и нашата болка, нашата надеж и нашата тешкотија. Нѐ љуби толку многу што стана човек, дојде во светот не за да го осуди, туку светот да се спаси преку Исус (сп. Ив 3, 16-17). И тоа е Божјата љубов во Исус, таа љубов која е многу тешко да се сфати, но која ја чувствуваме кога ќе се приближиме до Исус. А Тој секогаш ни простува, Тој секогаш нѐ чека, Тој толку нѐ љуби! А Исусовата љубов која ние ја чувствуваме е Божјата љубов!

Светиот Дух, дарот на Исус Христос, ни го објавува божествениот живот и така ни дава да влеземе во динамиката на Пресветата Троица, а тоа е динамиката на љубов, заедништво, взаемното служење, делење. Човекот кој ги љуби другите заради самата радост која ја дава љубовта е одраз на Пресветата Троица. Семејство во кое владее меѓусебна љубов и взаемно помагање е одраз на Пресветата Троица. Парохија во која владее атмосфера на љубов и во која се делат духовните и материјалните добра е одраз на Пресветата Троица.

Вистинската љубов не познава граница, но знае за себе да си постави граници за да појде во пресрет на другиот, да ја почитува слободата на другиот. Секоја недела одиме на Литургија, заедно славиме Евхаристија и Евхаристијата е како „грмушка која гори“ во која понизно престојува и се објавува Пресветата Троица: поради тоа Црквата го ставила празникот на Пресветата Евхаристија – Телово после празникот на Пресветата Троица. Идниот четврток, според римската традиција, ќе славиме Литургија во Свети Иван Латерански, а потоа ќе има процесија со Пресветата  Олтарска Тајна. Ги повикувам Римјаните и поколонениците да учествуваат за да ја изразиме нашата желба да бидеме народ „собран во единството на Отецот и Синот и Светиот Дух“ (свети Кипријан). Сите ве очекувам идниот четврток во 19 часот на Литургија и на процесијата со Светата Евхаристија.

Нека Дева Марија совршеното создание на Пресветата Троица, ни помогне за целиот свој живот во мали гестови и во најважните одлуки направиме пофална благодарна химна на Богот на љубовта.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот