Папата на Литургијата во Истанбул: Светиот Дух дава единство

Црквата е повикана да дозволи Светиот Дух да ја води и секогаш да Му остане отворена, кротка и послушна – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија која на 29 ноември попладнето ја служеше во катедралата Свети Дух во Истанбул, во рамките на своето тридневно апостолско патување во Турција. Тргнувајќи од говорот на Исус од Евангелието по Иван, Папата истакна дека Светиот Дух е „душата на Црквата“, животворец кој дарува различни харизми кои го збогатуваат Божјиот народ и создаваат единство меѓу верниците. Затоа целиот живот и посланието на Црквата зависи од Светиот Дух.

Папата потсети дека „никој не може да каже „Исус е Господ“ освен преку Светиот Дух и дека Светиот Дух е Тој Кој ги вдахнува нашите молитви како што вдахнува и да се тргнеме од концетрираноста на себе и да тргнеме во пресрет на другиот. Кога ќе пронајдеме во себе нова способност за да простиме или да сакаме некого кој нè не сака за возврат, тоа е дело на Светиот Дух – истакна Светиот Отец.

Иако Светиот Дух дава различни харизми во Црквата тоа не создава неред, туку богатство: Он дава единство – различност во заедништвото кое не значи едноличност. Кога се обидуваме да создадеме различност, но сме затворени во својот сопствен начин на гледање на работите, предизвикуваме поделба. Кога се обидуваме да создадеме единство со сопствени сили завршуваме во едноличност. Ако пак се водиме од Светиот Дух, различностите нема да создадат конфликти, бидејќи тогаш тие разлики ги прилагодува Христовиот Дух – објасни Папата.

Светиот Дух е Тој Кој на Црквата и дава единство во верата, љубовта и внатрешниот живот и затоа Црквата е повикана да дозволи Он да ја води и секогаш да Му остане отворена, кротка и послушна. Меѓутоа, секогаш е присутно искушението да се остане во својата угодност, да се обидеш да го „скротиш“ или „контролираш“ Духот. Христијаните се вистински пророци кога ќе ги отфрлат своите одбранбени механизми против Светиот Дух и дозволат да ги води бидејќи во спротивно паѓаат во пелагијанизам – нагласи папата Фрањо.

На крајот на проповедта ги поздрави католиците од сите обреди како и преставниците на православните Цркви и протестанската заедница. За да бидеме сведоци на Евангелието да ги насочиме мислите кон Блажена Дева Марија, Мајка Божја и со Неа да Го молиме Господ да ни го испрати Светиот Дух во нашите срца – препорача на крајот папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот