Папата на крајот од Молитвената осмина за единство на христијаните: Одете и служете заедно, ставајќи ја молитвата на прво место
„Само љубовта која станува бесплатно служење, само љубовта која Исус ја навестувал и живеел, ќе ги приближи разделените христијани“, е пораката од проповедта на Папата на Втората вечерна молитва на 25 јануари 2024 година во римската базилика Свети Павле надвор од Ѕидините на завршетокот од Молитвената осмина за единство на христијаните.
Покрај 1.500 верници, присуствуваа и надбискупот од Кантербери Џастин Велби и митрополитот Поликарп од Екуменската цариградска патријаршија, претставници на различни христијански заедници и членови на различни здруженија и комисии посветени на меѓурелигискиот дијалог и соработка.
Во својата проповед Светиот Отец рече дека „никогаш не треба да си го поставуваме прашањето „кој е мојот ближен? Затоа што секој кој е крстен припаѓа на истото Тело Христово и повеќе од тоа, затоа што секој човек на светот е мој брат или сестра, и сите ние ја сочинуваме „симфонијата на човештвото“, од која Христос е првороден и откупител.
Вистинското прашање, значи, не е: „Кој е мојот ближен?“, туку: „Дали сум јас ближен на другите?“, истакна Папата. Ако останеме забарикадирани во одбрана на сопствените интереси, љубоморни на сопствената автономија, затворени во пресметката на сопствените придобивки, не станува збор само за стратешки грешки, туку и за неверство кон Евангелието, предупреди Папата.
Осврнувајќи се потоа на свети Павле од Тарс, на празникот на неговото преобраќање, Светиот Отец истакна дека „Свети Павле не го менува својот живот врз основа на своите цели, тој не станува подобар затоа што ги остварува своите планови“. „Неговото преобраќање доаѓа од егзистенцијален пресврт, каде што приматот повеќе не му припаѓа на неговата умешност пред Законот, туку на неговата подготвеност да учи од Бога, во целосна отвореност кон она што Тој сака“.
Во сите напори за потполно единство, повикани сме да го следиме истиот пат по кој одеше Павле: да ги оставиме настрана нашите идеи како централни за да го бараме Господовиот глас и на Него да му ги препуштиме иницијативата и просторот, рече папата Фрањо.
„Додека молиме заедно, препознаваме, секој тргнувајќи од себе, дека ни треба преобраќање, дека треба да му дозволиме на Господ да ги промени нашите срца. Ова е патот: да се оди заедно и да се служи заедно, молитвата да се стави на прво место. Имено, кога христијаните созреваат во служењето на Бога и другите, растат и во меѓусебното разбирање“, продолжи Светиот Отец, додавајќи дека првата задача на заедничкиот пат е молитвата.
„Да продолжиме да молиме за крај на војните, посебно во Украина и Светата Земја“, повика Папата, испраќајќи срдечен поздрав до „саканиот народ на Буркина Фасо, посебно до тамошните заедници кои ги подготвија материјалите за Молитвената осмина за единство на христијаните: љубовта кон другите нека го заземе местото на насилството од кое е погодена нивната земја“.
„Значи, во името на Христос да станеме од нашиот умор и нашите навики и да продолжиме, да одиме напред, бидејќи Тој тоа го сака и сака „да поверува светот“ (Иван 17, 21). Затоа, да молиме и да одиме напред бидејќи тоа го сака Господ од нас“, заклучи папата Фрањо на крајот од Молитвената осмина за единство на христијаните.
Ватикан њуз/к.мк