Папата на Квиринал: Мирот значи градење достојно и просперитетно заедништво

Папата на Квиринал: Мирот значи градење достојно и просперитетно заедништво

За време на средбата со италијанскиот претседател Серџо Матарела во Квиринал, во центарот на говорот на папата Лав XIV беа темите за мирот и мултилатерализмот, поддршката на семејствата во Европа каде што наталитетот е во значителен пад, грижата за создадениот свет, прифаќањето на мигрантите и благодарноста за помошта при организирањето на Јубилејот. Папата изрази благодарност до италијанската Влада за нејзината посветеност во тешките ситуации поради војната и сиромаштијата, особено за помошта на децата во Газа.

Папата Лав XIV на 14 октомври 2025 година, во официјална посета на палатата Квиринал се сретна со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела. По говорот на претседателот, Светиот Отец изрази благодарност до италијанската Влада за нејзиниот ангажман во бројни тешки околности поврзани со војна и сиромаштија, особено за помошта на децата во Газа, во соработка со болницата „Бамбино Џезу“. Истакна дека тоа се силни и делотворни придонеси за градење на достоинствен, мирен и просперитетен соживот на сите членови на човечкото семејство.

Вредноста на мултилатерализмот во решавањето на конфликтите

Римскиот епископ забележа дека мултилатерализмот има многу важна улога во градењето на мирот, во што Италија и Светиот Престол секогаш покажувале заедничка посветеност. Истакна дека во сложените предизвици на нашето време повеќе од кога било е потребно да се бараат и усвојуваат заеднички решенија и додаде:

„Потребно е да се зајакнат динамиките и процесите на мултилатерализмот, имајќи ги на ум неговите првични цели насочени кон решавање на конфликтите и унапредување на развојот, поттикнувајќи јасен и транспарентен јазик и избегнувајќи двосмислености што можат да создадат поделби.“

Обезбедување поддршка на сите семејства

Освен за мирот, Папата во својот говор зборуваше и за вредноста на семејството, истакнувајќи го значителниот пад на наталитетот во Европа и потребата за посилна заложба во промовирањето на одлуки на различни нивоа кои би биле во корист на семејствата, би ги поддржувале нивните напори, би ги унапредувале нивните вредности и би ги заштитувале нивните потреби и права. Потсети дека во италијанската традиција благосостојбата на семејната заедница поттикнува чувства на љубов, почит и посветеност и додаде:

„Особено сакам да ја истакнам важноста на обезбедување неопходна поддршка на сите семејства за достоинствена работа, под праведни услови и со внимание кон потребите поврзани со мајчинството и татковството.“

Папата повика да се направи сè што е можно за да им се даде доверба на семејствата, особено на младите, за да можат мирно да гледаат во иднината и да растат во слога.

Заштита на животот и солидарност со мигрантите

Светиот Отец зборуваше и за заштитата на животот во сите негови фази – од зачнувањето до староста и мигот на смртта. Изрази желба таа чувствителност и натаму да расте, особено во однос на пристапот до здравствена заштита и лекови, според потребите на секоја личност. Римскиот епископ изрази благодарност до Италија за помошта што великодушно им ја пружа на мигрантите кои сè почесто тропаат на нејзините врати, како и за нејзиниот ангажман во борбата против трговијата со луѓе, охрабрувајќи ја да продолжи да го негува духот на отвореност и солидарност. Притоа рече:

„Истовремено сакам да потсетам на важноста од конструктивна интеграција на оние што доаѓаат во вредностите и традицијата на италијанското општество, за заемниот дар што се остварува во овој процес на средба на народите да биде вистинско богатство и добро за сите луѓе.“

Свети Фрањо и грижата за заедничкиот дом

Потсетувајќи на 800-годишнината од смртта на свети Фрањо Асишки, заштитник на Италија, што ќе се одбележи на 3 октомври следната година, папата Лав XIV се осврна и на итното прашање за грижата за заедничкиот дом. Сиромавиот од Асизи, кого папата Фрањо го истакна како пример во енцикликата Laudato si’, ја упати својата порака токму од средиштето на Италија и нè поучи да го славиме Творецот со почит кон сите созданија – истакна Петровиот наследник и додаде:

„Сметам дека Италија на посебен начин ја прими мисијата да им пренесе на народите култура што ја препознава земјата како сестра со која го делиме постоењето и како убава мајка што нè прима во своите прегратки.“

Силна поврзаност на Светиот Престол и Италија

Папата ја истакна силната поврзаност на Петровиот Престол со италијанскиот народ и добрите билатерални односи меѓу Италија и Светиот Престол, како и долгата верска и културна традиција на таа земја. Изрази благодарност и за примерот на гостопримливост и за ефикасната организација на Јубилејната година посветена на надежта, како убаво сведоштво за синергијата и соработката.

Потсетувајќи на одбележувањето на стогодишнината од Латеранските договори во 2029 година, Петровиот наследник повторно ја нагласи важноста на заемното разликување на областите во кои Католичката Црква и Италијанската Република соработуваат за општото добро и дејствуваат во служба на човечката личност, чие неприкосновено достоинство секогаш мора да биде на прво место во сите одлуки и постапки, на сите нивоа на општествениот развој, особено во заштитата на најслабите и најпотребните.

Чување на богатството на традицијата со поглед кон иднината

На крајот папата Лав XIV изрази загриженост поради современиот тренд во италијанското општество, во кое не се вреднува доволно она што им го пренеле нивните татковци – моделите и вредностите што созревале низ вековите и го обликувале нивниот културен идентитет – тренд што понекогаш настојува да ја избрише и намали нивната историска и човечка важност. Затоа со свест, мир, одговорност и чувство за перспектива да се гледа на сегашноста и иднината.  Папата ја истакна важноста од негување на сеќавањето на оние што ни претходеле и чувањето на богатството на различните традиции што нè обликувале во тоа што сме денес.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот