Непосредно пред крајот на Генералната аудиенција, папата Фрањо уште еднаш повика да не се заборави војната во Украина и, споменувајќи го традиционалното ходочастие во светилиштето во Честохова, каде верниците заминуваат во ова време во Полска, се сети на бројните Украинци кои се примени во таа земја.
Моите мисли, како и секогаш, одат во Украина; да не го заборавиме тој маченички народ – уште еднаш повтори папата Фрањо на крајот од Генералната аудиенција во среда 17 август 2022 година. Папата ја изрази својата загриженост за Украина, која живее во војна околу шест месеци, притоа поздравувајќи ги присутните во салата Павле XVI. Посебно ги спомена Украинците кои се во тешкотии поради војната, обраќајќи им се на полските верници.
Голем е бројот на бегалци кои нашле гостопримлив дом во Полска, а некои од нив – истакна тој – се меѓу илјадниците ходочасници кои деновиве пешачат до светилиштето Јасна Гора, молејќи се за мир и помирување во светот. Да ѝ ја довериме судбината на Европа и светот на Црната Богородица.
Спомнувањето на тоа посебно ходочасите не е ново. Веќе пред две недели, папата Фрањо потсети на традицијата на многу верници да пешачат до Јасна Гора и другите маријански светилишта во август и ги поттикна напорот што го вложуваат во пешачењето да го прикажат за Црквата и за мирот во светот, посебно за Украина.
Благодарност на Папата до Полска што ги прифати украинските бегалци
Освен тоа, на сличен начин, неколку пати за време на Геенралната аудиенција, при поздравувањето на полските верници, Светиот Отец ја искористи приликата да се заблагодари на Полска што прифати многу Украинци кои бегаат од војната. Во средата, на 20 април, тој ја изрази својата благодарност за покажаната милост – како што рече – за многуте бегалци од Украина кои најдоа отворени врати и дарежливи срца во таа земја.
Посебно на Пепелница – Чиста среда, само што започна војната, Папата изрази благодарност за великодушноста и солидарноста на Полјаците кон украинскиот народ. Вие први ја поддржавте Украина, отворајќи ги границите, срцето и вратите на вашиот дом за Украинците кои бегаат од војната – рече тогаш Папата, нагласувајќи ја дарежливоста на полскиот народ во се што е потребно за бегалците да можат „да живеат со достоинство, и покрај драматичниот момент“.
Ватикан њуз/к.мк