Денес ја славиме Четвртата воскресна недела која е посветена на Исус Добриот Пастир – истакна папата Фрањо пред молитвата Царице небесна во библиотеката на Ватиканската палата.
Денес ја славиме Четвртата воскресна недела која е посветена на Исус Добриот Пастир – истакна папата Фрањо пред молитвата Царице небесна во библиотеката на Ватиканската палата, во неделата на 3 мај 2020 година. Папата потсети, Евангелието вели: „Овците го слушаат гласот негов, и тој ги вика своите овци по име.“ Господ нè вика по име, нè вика затоа што нè љуби. Меѓутоа Евангелието уште вели дека постојат и други гласови кои не смееме да ги следиме. Тие се гласовите на туѓинците, крадците и разбојниците кои на овците им сакаат зло.
Тие различни гласови одекнуваат во нас – рече Папата и напомена: Постои Божјиот глас кој љубезно зборува на нашата совест, но постои и гласот на искушувачот кој наведува на зло. Како да се разликува гласот на Добриот Пастир од гласот на крадецот, Божјото вдахновение од наговарањето на зло? Може да се научи да се разликуваат тие два гласа. Имено, тие зборуваат два различни јазика, односно имаат спротивни начини како чукаат на нашето срце. Божјиот глас никогаш не присилува. Бог предлага, не наметнува.
Меѓутоа злиот гласт заведува, навалува и принудува, и предизвикува заслепувачка измама и примамливи чувства кои поминуваат – рече Светиот Отец и предупреди, на почетокот ласка и нè уверува дека сме семоќни, но потоа нè остава празни во себе и нè обвинува: „Ти ништо не вредиш.“ Од друга страна Божјиот глас нè поправа со многу трпеливост, но секогаш нè охрабрува и утешува, и секогаш ја храни нашата надеж.
Втора разлика. Гласот на непријателот го одвраќа вниманието од сегашноста и сака да се фокусираме на стравот од иднината и на тагата од минатото – рече папата Фрањо и продолжи: Ја враќа горчината и сеќавањето на неправдите кои сме ги претрпеле од оние кои ни направиле зло. Меѓутоа Божјиот глас зборува во сегашноста: „Сега можеш да направиш добро, можеш да бидеш креативен во љубовта, можеш да се откажеш од жалењето и каењето заради кои твоето срце е затворено.“
Уште една разлика. Двата гласа во нас поттикнуваат различни прашања – рече Папата и додаде: Тоа кое доаѓа од Бог прашува: „Што е добро за мене?“ Додека искушувачот присилува на друго прашање: „Што ќе направам? Што сакам?“ Зли гласот секогаш поттикнува да се свртуваме околу своето ЈАС, околу своите нагони и потреби, и околу она што го нарекуваме „сè и веднаш.“ Божјиот глас никогаш не ветува ефтина радост, нè повикува да одиме понатаму од своето ЈАС, за да го најдеме вистинското добро и мир. Запаметете, злото никогаш не дарува мир, најпрво предизвикува бес, а потоа остава горчина.
Божјиот глас и оној на искушувачот на крајот зборуваат во различна атмосфера – рече Светиот Отец и истакна: Непријателот повеќе ја сака темнината, лагата и озборувањето; Господ ја сака сончевата светлина, вистината и искрената транспарентност. Непријателот ни кажува: „Затвори се во себе, затоа што никој и не те рабира, не те слуша и немај доверба!“ Спротивно од тоа, доброто нè повикува да се отвориме, да бидеме јасни и полни со доверба во Бог и во другите.
Во ова време многу мисли и грижи нè водат да влеземе во својата внатрешност. Да обратиме внимание на гласовите кои доаѓаат од нашето срце. Да се запрашаме од каде доаѓаат? Да молиме за милоста за да можеме да го препознаеме да го следиме гласот на Добриот Пастир кој ни помага да излеземе од трлото на себичноста и нè води на пасиштата на вистинската слобода. Нека Пресвета Богородица, Мајката на добриот совет нè води и придружува на нашето расудување – заврши папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк